Во Општината Зелениково синоќа пожар се заканувал да зафати и куќи, но благодарение на жителите и надлежните институции, тоа било спречено.
Пожарот избувнал после 2 часот по полноќ, а за интервенцијата детали рано утринава сподели првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Тој како што раскажа, за пожарот добил повик од вознемирана жителка на Општината во 2 часот по полноќ, по што тој ја информирал скопската противпожарна бригада, која веќе знаела за пожарот, и итно испратила возило од станицата во Драчево.
Во меѓувреме за пожарот дознал и градоначалникот на Општината, Коста Маневски, кој самиот го стартувал противпожарно возило на Општината и стигнал на местото на пожарот, а истовремено таму пристигнале и припадници на доброволното противпожарно друштво од Зелениково, по што започнало гасењето на пожарот.
Олеснителна околност за сите било тоа што претходно самите жители од последните куќи направиле делумна заштита на неколку места, прскајќи со вода и сечејќи критични грмушки и дрвја.
Фото: Архива/Игор Бансколиев/видео: ДЗС














