Македонската универзитетска карате репрезентација пред нов европски предизвик во Тирана

Македонската универзитетска карате репрезентација ги одбројува последните денови до настапот на Европското универзитетско карате првенство во Тирана, кое ќе се одржи од 7 до 12 септември.

Во пресрет на европскиот шампионат, репрезентативците ги одржуваат завршните подготовки, а најголемиот дел од составот го сочинуваат каратистите на карате клубот „Макпетрол – Скопје“. За Македонија ќе настапат: Вукашин Јовановиќ-67 кг, Петар Заборски-75кг, Данило Божовиќ-84кг, Реџеп Рушити-84кг, Стефан Стојановиќ+84кг, Рудине Алиу-55кг , Јована Мицовска-61кг, Викторија Јовановска-68 кг, Греса Мустафиу +68кг и Ердона Зибери.

Селекторот Бошко Заборски е задоволен од досегашниот тек на подготовките и од формата на репрезентативците.

– Во овој период сите спортисти се во добра форма. Основниот физички и технички дел од подготовките е веќе реализиран, а сега работиме на финалните детали. Кај секој спортист индивидуално ги подобруваме специфичните технички и тактички елементи, во зависност од неговите карактеристики и потребите за настапот во Тирана. Целта е првенството да го дочекаме максимално подготвени и секој од репрезентативците да го даде својот максимум – истакнува селекторот Заборски.

Настапот во Тирана доаѓа во период на голем позитивен момент за македонското универзитетско карате. Македонската репрезентација неодамна оствари историски резултат на Светското универзитетско првенство во Бразил, каде што освои вкупно четири медали, потврдувајќи го квалитетот и континуитетот на македонското универзитетско карате на светската сцена.

Токму овој резултат претставува дополнителен мотив за репрезентативците пред новиот европски предизвик. Очекувањата се високи, но во стручниот штаб потенцираат дека фокусот останува на секој поединечен настап.

Европското првенство во Тирана ќе биде уште една можност македонските студенти-каратисти да го потврдат својот квалитет и да продолжат со успешниот континуитет на настапи и медали на најзначајните универзитетски натпреварувања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.


  • Најчитани вести


  • Најчитани вести