Осмо издание на форумот МакеКоПроДокс

Осмото издание на форумот МакеКоПроДокс, во рамките на 17. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“, се одржа од 25 до 27. август 2026 година во Албанскиот театар во Скопје.

Под фестивалското мото „Само сонот е стварност“, форумот го постави прашањето како документарните соништа можат да се доведат до реализација и како завршените филмови можат да ја пронајдат својата публика.

Форумот МакеКоПроДокс е основан во 2019 година како одговор на потребата за посилна регионална соработка во областа на креативниот документарен филм. Тој ги обединува балканските филмски центри и филмските професионалци, со цел да го поддржи развојот на проекти, да ја поттикне копродукцијата и да создаде нови можности за филмовите што се продуцирани, копродуцирани или снимени во регионот.

Преку пичинг-презентации, индивидуални состаноци, панел-дискусии, студии на случај и заеднички дијалог, форумот поттикнува професионална размена и стратешко размислување за тоа како документарните филмови можат да бидат поддржани во текот на целиот нивен пат – од првичната идеја, преку продукцијата, постпродукцијата и дистрибуцијата, до нивната средба со публиката.

На форумот беа презентирани осум избрани документарни проекти во развој, кои претходно беа дел од работилницата за развој на проекти под менторство на тројца интернационални ментори од индустријата, Виктор Ед (Victor Ede), Зејнеп Ѓузел (Zeynep Güzel) и Бриџид О’Ши (Brigid O’Shea).

По презентацијата на проектите во рамките на форумот, на 26 август беа доделени пет награди.

Фестивалската мрежа „Док араунд Јуроп“ додели 3.000 евра на проектот „Кранк“ (Krunk), кој се развива како копродукција меѓу Турција и Ерменија; проектот „Мојот дедо, комунист“ (Србија, Северна Македонија) доби награда за консултација и подготовка на трејлер од „Еуродок“; Документарната асоцијација на Европа додели награда, која вклучува консултација, на проектот „Ареоле“ (Словенија, Хрватска); акредитација за учество на „ДоксБарселона Про 2027“ доби проектот „Што земјата заборави“ (What The Land Forgot); акредитација и преселекција заДок.форум маркетплејс“ на „Док.форум Минхен“ доби проектот „Дилан Меккеј“ (Романија).

По работната сесија „Продуценти запознаваат продуценти“, на 27. август се одржаа три последователни панел-дискусии. На панелот за копродукции меѓу Франција и Балканот и можностите за дистрибуција на балкански документарни филмови, што го модерираше продуцентот Виктор Ед, учествуваа Роман Вајбел, офицер за документарни проекти при Аудиовизуелниот директорат на ЦНЦ (French National Centre for Cinema), Карина Чичковски, продуцентка на „Сурвиванс“ (Survivance), и Ана Бертоле, експерт за продажба и дистрибуција од „Лајтдокс“ (Lightdox).

Комплексната структура на најголемиот француски центар за продукција на филмови ЦНЦ ја објасни Роман Вајбел, која посочи дека средствата што се собираат во фондот доаѓаат од таксите на филмската индустрија и од продажбата на билети. Фондот дава можност за поддршка во сите фази на проектот, од пишување сценарио, преку развој до продукција и постпродукција. Процесот на аплицирање може да трае долго и затоа Вајбел метафорично посочи дека „ЦНЦ не е земја на ‘мед и млеко’ (Балкан) и треба да се има големо трпение за да се изгради однос со француските продуценти, бидејќи често не станува збор само за финансии што ќе бидат вложени во еден проект, туку за долгорочно партнерство“.

Практични искуства околу аплицирањето во ЦНЦ пренесе Карина Чичковски, која објасни дека иако има отворен повик на секои три месеци, селекцијата на пристигнатите проекти е прилично ригорозна, но доколку си коректен продуцент има можности да се оствари копродукција. Таа истакна дека секој филмски проект минува по сопствен пат во процесот на финансирање, продукција и постпродукција.

Во однос на дистрибуцијата на филмските остварувања зборуваше Ана Бертоле, која објасни дека успехот на еден филм да се дистрибуира во повеќе држави или региони зависи од повеќе работи: од искуството на филмскиот продуцент, од интересот за филмот во земјата или регионот, од учеството на филмските фестивали и од бројот на освоените награди. Притоа е важно филмот да носи специфичен израз на креативност. Како пример на успех во дистрибуцијата од последнава година таа го посочи документарниот филм „Фиуме о морте!“ на Игор Безиновиќ, кој стана најуспешен филм во хрватската историја.

Панелот на балканските филмски центри на едно место ги собра директорите Петар Тодоров од Бугарскиот национален филмски центар, Наташа Бучар од Словенечкиот филмски центар, Сашко П. Мицевски од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Блерта Зеќири од Кинематографскиот центар на Косово, Јонид Јорѓи од Албанскиот национален центар за кинематографија и извршниот офицер Маја Вукиќ од Хрватскиот аудиовизуелен центар.

Во воведниот дел од панелот секој од нив ги објасни можностите што ги дава нивната институција за поддршка на документарни филмови и за можностите за остварување на малцински копродукции. Секој филмски фонд, центар или агенција има свои правила, повици, критериуми и роковии затоа е важно филмските продуценти да ги знаат и соодветно да аплицираат на повиците за копродукција.

Балканските соработки најчесто се одвиваат меѓу соседни држави, но веќе има примери и на соработка со продуценти од поголемите европски држави. Како најголем проблем се појавува можноста за дистрибуција на филмските остварувања во регионот и пошироко, но се вложуваат напори тоа да се разреши со интензивирање на меѓусебната соработка. На панелот беше истакнато значењето на филмските фестивали во промоцијата на филмовите, а беше посочено дека се потребни иницијативи и проекти за развој на кинотечната мрежа. Панелот го модерираше искусната консултантка за документарен филм Хеле Хансен од Данска.

На третиот панел во соработка со Словенечкиот филмски центар беше претставен проектот „Документарница – документарна лабораторија“. За проектот зборуваа словенечката режисерка и продуцентка Петра Селишкар (која е дел и од екипата на „МакеДокс“) и Наташа Бучар од Словенечкиот филмски центар. Иницијативата за работилницата се појавила пред шест години, а иницијатори на идејата биле Петра Селишкар, Рок Бичек и Матјаж Иванишин. Поддршка за реализација на идејата добиле од Словенечкиот филмски центар, кој веќе има партнерски однос со проектот.

– Квалитетот на документарните филмови во Словенија во еден период беше на ниско ниво и сакавме тоа да го промениме. Работилницата е простор каде што може да се тестираат идеите за нови документарни филмови и, на некој начин, служи како огледало во кое се рефлектираат идеите, кои потоа се развиваат во процесот на работата на работилницата – објасни Селишкар.

Целта на документарната лабораторија е да се селектираат добрите приказни, да се прошири идејата на филмот и како таква да влезе во процесот на аплицирање за поддршка од страна на Словенечкиот филмски центар, како и да се претстави пред потенцијалните копродуценти од регионот.

– Работилницата ни е потребна на сите нас, бидејќи тоа е креативен процес за развој на нашите идеи – додаде Селишкар.

Форумот МакеКоПроДокс е организиран и поддржан од фестивалот „МакеДокс“, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Француската амбасада во Скопје (Француски институт – Скопје) преку „Фондс екип Франс“ (Fonds Équipe France) при Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Документарната асоцијација на Европа, фестивалската мрежа „Док араунд Јуроп“ (Doc Around Europe Festival Network), „Синефаџ Продакшнс“ (Cinéphage Productions), Креативна Европа Деск МК, Словенечкиот филмски центар, хотел „Мериот“, Еуродок (Eurodoc) и Албански театар – Скопје.

еМагазин е долгодишен медиумски покровител на Фестивалот.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести