Македонија има национален дата-центар во прилепско, ќе гради уште еден

Освен што државата се отвара за изградба на дата-центри од страна на приватни инвеститори, што моментално е топ-тема во јавноста, Владата планира изградба и на уште еден национален дата-центар.

Македонија својот прв национален дата-центар го доби во 2023 година во прилепско.

Што е познато за новиот дата-центар

Од онаа што досега официјално е познато новиот национален дата-центар ќе биде со иста големина како тој во прилепско – мал дата-центар со помалку од еден мегават инсталирана моќност и истиот ќе служи исклучиво за потребите на државата.

Колку за споредба големите комерцијални дата-центри се со моќност од 50 до 100 мегавати.

Во истиот се планира да бидат сместени 20-тината дата центри коишто сега се распоредени низ целата држава, а со него ќе се обезбеди повисоко ниво на заштита на податоците и ќе се создаде основа за развој на нови дигитални услуги и технологии. 

За 20-25 години новиот дата-центарот максимум ќе може да стигне до моќност од пет мегавати.

За овој дата-центар се уште нема потвредена локација, а за неговата изградба ќе се прави елаборат за животна средина и анализа за општественото влијание, а веќе е изработена физибилити студија која покажала дека проектот е технички и финансиски изводлив.

Проектот во својата прва фаза би чинел околу 20 милиони евра.

Парите се планира да се обезбедат преку Планот за раст и реформската агенда на Европската унија (ЕУ), 30% од грант, а за 70% ќе бара евтин заем.

Се планира тој да се грее и лади со најмодерните системи за греење и ладење.

Колку чинеше изградбата на првиот национален дата-центар

Првиот национален дата-центар или ИКТ Центар за опоравување од катастрофи чинеше 11,5 милиони евра, а парите беа обезбедени од ЕУ преку ИПА фондовите и од буџетот на Министерството за внатрешни работи.

Станува збор за објект со најсофистицирана опрема, изграден по највисоки безбедносни стандарди и беше првиот од ваков вид во регионот изграден за потребите на државата.

Димензиониран е како компактен државен систем кој служи како секундарен/резервен центар за заштита и чување на државните податоци во случај на катастрофи.

Објектот се простира на површина од околу 1.307 метри квадратни.

Со неговата изградба се обезбеди долгорочна заштита на податоците на граѓаните и заштита на домашниот безбедносен систем.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Македонија од 2023 година има национален дата-центар, еве како изгледа

Што треба да знаете за дата-центрите и зошто има отпор

Советниците на Општина Пехчево едногласно ја отфрлија иницијативата за изградба на дата-центар во градот

Фото: Унсплеш/Општина Прилеп

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести