По 20 годишно работно искуство, досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, заминува од Народна банка. Иако, по изборот на Трајко Славески за нов гувернер има можност да остане, Ангеловска Бежоска сепак, својата кариера ќе ја продолжи надвор од институцијата во која, како гувернер беше избрана во 2018 година.
Во Извештајот за работењето за периодот 2018 – мај 2025 година, периодот додека таа беше гувернер, се наведува дека централната банка успешно се справи со предизвиците од пандемијата, енергетската и ценовната криза, светските геополитички тензии и со ризиците од деглобализација.
„Со посветеност, професионализам и знаење, Народната банка не само што ја зачува, туку и ја зајакна макроекономската и финансиската стабилност, со што даде силна поддршка за граѓаните и за стопанството.
Денарот остана стабилен, и покрај големите надворешни и домашни притисоци, а девизните резерви се двојно зголемени. Банкарскиот систем е посилен, со историски највисоко ниво на капитална адекватност и најниско ниво на нефункционални кредити, а кредитната поддршка за компаниите и за граѓаните и натаму се обезбедува со каматни стапки коишто за првпат во нашата историја се сведоа речиси на европските нивоа,“ се наведува во извештајот.
Во нејзино време се бележат и најважните стратегиски достигнувања, меѓу кои: членството во највисокиот статистички стандард на ММФ – СДДС плус (18. земја во светот); позитивната оцена од Европската комисија за усогласеноста со стандардите на ЕУ во банкарската регулатива и супервизија (26-тата земја во светот); членството во СЕПА – значаен исчекор за интеграција во европскиот финансиски простор и брзо и ефикасно извршување на плаќањата во евра, како и во европските земји и пред полноправното членство на земјата во ЕУ; воспоставувањето институционална рамка за решавање банки; историски високото ниво на девизните резерви и стабилноста на денарот, како и првата национална Стратегија за финансиска писменост и инклузија со акцент на младите, жените и ранливите групи; водечкото место на светско ниво во родовата застапеност според ОМФИФ (прворангирана централна банка во светот); високата оцена за транспарентноста од ММФ; донесувањето на првата финтек-стратегија и среднорочниот план за климатските ризици.
Импресивна биографија
Ангеловска-Бежоска стапи на функцијата гувернер по речиси дванаесетгодишно работно искуство во Народната банка, и тоа, најпрво како главен економист, а потоа, речиси осум години како вицегувернер задолжен за областите монетарна политика, истражување и статистика, при што беше и заменик-гувернер за Република Македонија во Одборот на гувернери на ММФ.
Пред да пристапи кон тимот на централната банка, таа има двегодишен работен ангажман во ММФ, во Вашингтон, САД, како економист во Одделот за макроекономски политики во европските земји и во Одделот за фискални политики. Истовремено има и членувано во повеќе преговарачки мисии на ММФ за склучување аранжмани со земји членки на Фондот. Од 2006 година наваму, како експерт, постојано е ангажирана во тимови на ММФ за обезбедување техничка помош за повеќе земји од Европа и пошироко.
Својата работна кариера ја има започнато како стручен соработник за финансискиот систем во Министерството за финансии во 1996 година, во кое, на различни работни позиции, минува осум години од својата работна кариера. Притоа, меѓу другото, како раководител на Проектот за воспоставување трезорски систем во нашата земја, а потоа и како прв раководител на Трезорот при ова министерство, дава исклучително значаен придонес за спроведувањето клучни реформи во системот на јавните финансии во државата: воспоставувањето единствена трезорска сметка, воспоставувањето систем за редовни проекции на буџетската ликвидност и управувањето со ликвидноста, унапредувањето на буџетското сметководство, развојот на пазарот на државни хартии од вредност и унапредувањето на буџетското известување во согласност со меѓународните стандарди.
Нејзиниот придонес за развојот на јавните финансии во нашата држава е валоризиран и со награда од Амбасадата на САД во нашата земја, којашто ѝ е доделена во 2004 година.
Во текот на 2003 и 2004 година е државен секретар во Министерството за финансии, при што е одговорна за: координирањето на активностите на сите сектори во рамки на Министерството, координирањето на процесите поврзани со европската интеграција, буџетските реформи и преговорите со меѓународните финансиски институции. Истовремено, во 2004 година е и раководител на тимот за подготовка за издавање на првиот кредитен рејтинг на нашата земја.
Автор е на повеќе стручни и научни трудови од областа на монетарната политика и макроекономската политика, воопшто, но и на трудови од областа на фискалната политика и управувањето со јавните финансии. Во текот на нејзината досегашна кариера, ангажирана е и како предавач на повеќе домашни и меѓународни образовни и научни институции, а по покана активно учествувала на бројни престижни меѓународни конференции.
Својата докторска дисертација ја има одбрането во 2015 година на Економскиот факултет во Љубљана, Република Словенија, на тема: „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“.Mагистрирала и дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, како еден од најдобрите тројца студенти во генерација. Има посетувано бројни обуки и специјализации во САД, Европа и Јапонија во областа на макроекономијата.
Фото: Народна банка