Стопанската комора на Северо-западна Македонија (СКСЗМ) ги повикува учениците кои завршиле основно образование да се ориентираат кон средни стручни училишта, во насоки кои нудат конкретни и практични вештини за пазарот на трудот.
„Зајакнувањето на стручното образование е од суштинско значење за создавање квалификуван кадар и за градење стабилна и конкурентна работна сила.
Особено ја охрабруваме ориентацијата кон дефицитарни професии, каде што побарувачката на пазарот расте, а можностите за вработување се сигурни.
СКСЗМ ја охрабрува и поддржува секоја иницијатива што го поврзува образованието со економијата и придонесува за долгорочен развој на човечкиот капитал во земјата,“ се вели во соопштението.
Владата информираше дека од речиси 28.000 места во учебната 2025/2026 година за учениците кои ќе можат да се запишат во средните општински училишта, од нив 18.500 места се предвидени за упис во средните стручни училишта, од кои 6.725 места се во дуално образование во 269 паралелки.
„За таа цел Владата и Министерството за образование и наука го зголемија бројот на стипендии за дуално образование на 1.570, а се зголеми и бројот на компании кои покрај теоретската настава во училиштето, на средношколците запишани во дуалните паралелки ќе им овозможат и практична настава во 550 компании.
Ова значи дека учениците додека се школуваат, ќе стекнат и практична вештина, ќе се квалификуваат за пазарот на труд и ќе добијат можност за вработување веднаш по завршување на образованието.
Обезбедени се 50 милиони денари, односно месечна стипендија од 3.500 денари за 9 месеци во годината, ќе добијат учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки и ќе ги исполнат условите од конкурсот кој ќе биде објавен за доделување на стипендиите,“ информираа од Владата.
Фото: Unsplah