Целото раководство на СДСМ колективно поднесе оставка, по предлог на претседателот на партијата Венко Филипче. На денешната седница на Извршниот одбор, од функциите се повлекоа заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови.
Во соопштението се наведува дека, оставките се доставени до Централниот одбор и до Филипче, кој го води процесот на длабоки внатрепартиски реформи. Овој чекор се оценува како „одговорен и морален“, со кој раководството отвора простор за „нова сила, нова енергија и ново поглавје“ на СДСМ.
Партијата најавува период на кадровско освежување, реорганизација и мобилизација, со вклучување на нови лица во највисоките структури.
На една од следните седници на Централниот одбор, Филипче ќе предложи нов состав на органите на партијата, а според најавите, на сите функции ќе бидат избрани „најкомпетентните личности“.
„Со ова, СДСМ започнува најголема реконструкција на раководството во последната деценија – процес кој треба да ја одреди идната стратегија и позиција на партијата на политичката сцена,“ се додава во соопштението.














