Измените на Законот за заштита од пушење се една од топ темите во Македонија. Истите предвидуваат досега најдрастични промени за пушачите, кои предизвикаа поделени реакции во јавноста и на социјалните мрежи.
Нацрт-законот е објавен на електронскиот регистар ЕНЕР.
Истиот е изработен од Министерството за здравство.
Каде ќе биде забрането пушење
Измените на Законот предвидуваат забрана за пушење пред и во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно-образовни, културни и рекреативни установи, организации за физичка култура и спорт, во објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти, како и во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца, како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца.
Нема да се пушти и во и пред објекти на државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа.
Забраната ќе важи и за пушење и во објекти и возила што претставуваат работни места, како и во сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови, како и на аеродроми, автобуски станици, езерски пристаништа и на станици на градски и приградски јавен превоз.
Се забранува и пушење во приватно возило во присуство на дете.
Пушењето останува забрането во објектите каде што се вршат трговски дејности и во угостителски објекти.
Нема да биде дозволено пушење ниту во заеднички простории на станбени згради како светларници, лифтови и заеднички котларници.
Забрана за пушење ќе има и во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, како и во објекти на приредувачи на игри на среќа.
Во сите овие објекти и простории задолжително треба да биде поставена ознака за забрана за пушење и да се контролира нејзиното спроведување.
Каде ќе може да се пуши
Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени од просторите каде што не се пуши и кои ќе бидат отворени од најмалку три страни на кои нема никакви стаклени, пастифицирани или најлонски прегради.
Казни
Казните за прекршување на законските одредби се движат од 2.000 до 3.000 евра за мало правно лице, од 3.000 до 4.000 евра средно правно лице, а од 4.000 до 5.000 евра големо правно лице.
Казната за физичките лица ќе биде во износ од 150 до 300 евра.
Забрана и за тутунски производи со ароми и вкусови
Новина со измените е забраната за производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови.
Под ароми и вкусови Законот ги подразбира сите состојки, адитиви или нивни комбинации кои даваат или менуваат мирис или вкус на производот, вклучително и, но не ограничувајќи се на слатки, овошни, билни, ментол, ментови и други карактеристични вкусови, освен природниот тутунски вкус.
Одредбата се однесува на сите тутунски и никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари и течности за електронски цигари со и без никотин, загреани тутунски производи, како и бездимни тутунски и никотински производи.
Ограничено рекламирање
Измените строго забрануваат и рекламирање и промоција на тутунски производи, како и нивно прикажување во компјутерски игри.
Прикажувањето на производите од тутун и нивна употреба ќе се забрани и во телевизиски содржини, содржини кои се објавувани од инфлуенсери или поткастери, театарски претстави, радио, телевизиски, видео и кинематографски новинарски програми.












