Доделувањето на наградите на 17-тото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи на 27 август, во 20:30 часот, во Куршумли ан.
Фестивалот „МакеДокс“ доделува награди во пет категории: награда „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм, „Млад кромид“ за најдобар филм во категоријата „Нови автори/ки“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм, „Кокарче“ за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи. Членови на комисиите се 15 признати домашни и странски филмски автори, продуценти и филмски критичари.
Членови на комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм се Алфонсо Ривера, Маја Крајнц и Рахул Џаин. Алфонсо Ривера дипломирал новинарство на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид и на Филмската академија во Њујорк. Денес работи како дописник во Шпанија за веб-страницата „Синеуропа“, чие седиште е во Брисел. Маја Крајнц е доцентка на Катедрата за филм и телевизија при Академијата за театар, радио, филм и телевизија на Универзитетот во Љубљана (UL AGRFT). Дипломирала новинарство, а докторирала на естетика и идеологија на југословенскиот нов филм и црниот бран. Рахул Џаин е филмски автор чиешто творештво преку сензуален и есеистички филмски израз ги истражува екстраактивистичките притисоци што го обликуваат современиот живот.
За наградата „Млад кромид“ одлучува комисијата во состав: Марго Мека, италијанска селекторка, продуцентка и истражувачка која живее во Барселона; Муртада Елфадл е писател за култура, критичар и филмски куратор, кој е роден и израснат во Картум, Судан, а моментално живее во Њујорк; и Матјаж Иванишин, кој е роден во Марибор (Словенија) во 1981 година, а откако дипломирал на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, работи како независен режисер.
Наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм ќе ја соопшти комисијата во состав: Стојан Синадинов, кој пишува филмска критика и филмска историја и теорија од крајот на 80-тите години и автор е на статии на тема филм, уметност и култура, како и на специјализирани филмски списанија и публикации во Македонија и регионот; Џони Костантино е италијански снимател и писател, кој во 2025 година го основал уметничкиот фестивал „Ултрасинема“, каде што е програмски директор, а од 2019 година предава режија на академијата „Блоу-ап“ во Ферара, Италија; и Марина Д. Рихтер, која е родена и порасната во Белград, со моментална адреса на живеење во Виена, и веќе триесет години активно пишува за филмови, а нејзините рецензии и интервјуа се објавувани во дневните весници „Политика“ (Србија), „Објектив“ (Црна Гора), неделните печатени публикации „Време“ (Србија), „Сирп“ (Естонија) и други печатени медиуми специјализирани за филм.
За наградата „Кокарче“ одлучува комисијата во состав: Томасо Пријанте, кој дипломирал на Катедрата за модерна литература на Универзитет во Болоња и магистрирал во областа на културолошките студии („Голдсмитс“, Универзитет во Лондон), а во последниве години, соработува со големи фестивали и пазари, како што се фестивалите во Ротердам, Венеција и Удине и „ТориноФилмЛаб“; Милагрос Тавара Естела, која дипломирала во областа на филозофијата и фотографијата, а знаењата за креативниот документарен филм ги продлабочува на магистерските студии на Автономниот универзитет во Барселона и работи како продуцентка и културна менаџерка со искуство во филмски проекти, фестивали и образовни иницијативи со фокус на филм и аудиовизуелно творештво; и Радован Петровиќ, кој е филмски режисер, монтажер и сценарист со повеќе од десет години искуство во краткометражни филмови, телевизиски серии и документарни филмови.
Комисијата за Наградата за најдобри етички идеи е во состав: Хана Корнети (1992, Скопје), писателка и музичарка која е добитничка е на повеќе награди за литература за деца, раскази и драмски текстови, а покрај книжевната работа, се занимава и со музика и има објавено повеќе музички изданија; Олександра Калиниченко е украинска филмска критичарка, истражувачка, кураторка и координаторка на културни програми, чија работа е фокусирана на документарниот филм, филмската кураторска практика и меѓународната промоција на украинската култура; и Кристина Леловац, која е актерка, изведувачка и кураторка во областа на изведувачките уметности и предава Драмска игра и Современи изведувачки практики на Факултетот за драмски уметности во Скопје, при што својата педагошка работа ја темели врз критичките педагогии и феминистичките принципи на грижа, еднаквост, солидарност и хоризонтална размена на знаење.
По доделувањето на наградите во филмската програма во Куршумли ан ќе следуваат проекциите на краткиот документарен филм „Слет 1988“ на Марта Попивода и „Југо оди во Америка“ на Филип Грујиќ и Алекса Борковиќ, а во музичкиот дел на ноќната програма во 23 часот концерт ќе одржи групата „Алембик“.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.
Комплетната програма на 17. „МакеДокс“ може да се најде на официјалниот сајт: https://makedox.mk/mk/program/
















