За Град Скопје, општината која располага со најголем буџет на престојните локални избори, кои ќе се одржат на 19. октомври има дури 18 кандидати.
Кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ е актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, а на опозициската СДСМ, поранешната министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Кандидат на Левица е актуелниот пратеник Амар Мециновиќ, а на Твоја, адвокатот Александар Тортевски.
Горан Марковски, професорот и декан на Градежниот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ) пак е кандидат на Независни заедно.
Кандидат на Родина Македонија е архитектот, новинар и туристички водич Вангел Божиновски, а поранешениот заменик-градоначалник на Скопје, Александар Трајановски е кандидат на ГРОМ, поддржан и од ЛДП, Интегра и ПЦЕР.
Групи избирачи за градоначалник на Скопје ги кандидираа и Драган Николовски, Сашо Маневски и Горан Марковски.
Кандидат на Единствена Македонија е Зоран Јовановски, а на Сојуз на Роми, Демир Исамил.
Кандидат на Работничка партија е Владимир Куновски, на ТМРО, Александар Рашковиќ, а на Македонска ера трета/Македонски независни листи-Суверенисти, Владимир Трајковски.
Срџан Амет е кандидат на Унија на Роми Скопје, Скендер Реџепи е кандидат од коалицијата предводена од ДУИ, а директорот на Дирекцијата за општи услуги на Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу е кандидат на коалицијата Вреди.
На последните локални избори, во 2021 година имаше 12 кандидатури за оваа функција.
Вториот круг од изборите е на 2. ноември.
Фото: Игор Бансколиев