Дури по една година од трагедијата во Кочани, каде во пожар во т.н. дискотека „Пулс“ на 16. март лани загинаа 63, а беа повредени над 200 лица, во македонското Собрание денеска се одржа комеморација.
На истата освен пратениците, присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министри, како и родители на загинатите.

По комеморацијата родителите на загинатите изразија разочарување што истата се одржува сега, но и поради тоа што ниту еден од загинатите не бил споменат со име и презиме.
-Очекувавме барем за секое дете по две минути да одвојат со текст што мислевме дека им е даден од институциите, бидејќи на сите институции им е пренесено. Но, за жал, ни едно дете не беше удостоено, спомнато со име и презиме. Само кратки зборови и правдања, изјави Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.
Таткото на загинатиот Томче Стојанов, Драги Стојанов пак кажа дека комеморацијата била изнудена и дека била организирана на нивно барање.
-Срамота, после една година вака да се изрази комеморацијата. Не знам, ова го нема ни во најназадите земји, ни во Авганистан, ни во Пакистан. 63 деца да загинат, а тие уште и не напаѓаат…
Не гледаат како противници, не гледаат како да сме ѓаволи за нив. Не знам што е работата. Одат се контра нас, се контра, рече тој меѓу друго.
Фото: Собрание














