Две златни признанија за вината „Волкано“ и „Монте Роса“ на винаријата „Монтеко“

Вината „Волкано“ и „Монте Роса“ на винаријата „Монтеко“ ја започнаа својата меѓународна приказна со значајни признанија на нивното прво интернационално оценување. Двете вина освоија златни одличја на престижниот натпревар „Мундус вини“ – 39th Grand International Wine Award 2026 во Германија, едно од најзначајните натпреварувања во светот за оценување на квалитетот на вината.   

Врвниот квалитет и уникатниот вкус на „Волкано“ и „Монте Роса“ го освоија стручното жири на натпреварот. Значењето на златните признанија за овие две вина е уште поголемо со оглед на фактот дека станува збор за нивната прва берба, што претставува важна потврда за квалитетот и потенцијалот на новата винска приказна на „Монтеко“.  

И двете вина се 100 отсто произведени од сортата „Каберне Совињон“, која е препознатлива за винаријата „Монтеко“. Грозјето потекнува од сопствените лозови насади на винаријата во кратовскиот регион, чиј специфичен тероар го сочинуваат и вулканските почви и надморската височина од околу 700 метри, што претставува еден од клучните елементи во препознатливиот карактер на вината.

– За нашата винарија, златните признанија за „Волкано“ и „Монте Роса“ претставуваат повеќе од награда за две вина. Тие потврдуваат дека нашите вина уште во својата прва берба и при првото меѓународно оценување, имаат потенцијал да бидат препознаени и подалеку од домашниот пазар – велат од „Монтеко“.

Ова признание ја истакнува посветеноста на „Монтеко“ кон создавање вина кои ја поврзуваат традицијата на кратовскиот регион, карактерот на сопствените лозови насади и современиот пристап кон производство, со амбиција македонското вино да добива сè позначајно место на конкурентната меѓународна винска сцена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести