(Галерија) еМагазин на патување по Медитеранот: Во Малта се е под конец

Во Малта стигнав неколку денови пред големиот христијански празник Мала Богородица, кој Католиците го празнуваат на 8. септември, кога ние во Македонија го славиме Денот на независноста.

Земјата важи за многу релгиозна, и е една од ретките од западните земји каде абортусот е забранет, но на пр. има истополови бракови.

Дека нешто ќе се случува на Малта забележав уште додека слетуваме со авион (имате директен лет од Скопје до Малта со нискобуџетната авио компанија Визер).

Целиот остров беше со стотици големи светилки кои наликуваа на јарболи и не ми беше јасно што е штосот.

Уште повеќе ми стана интересна приказната кога седнав на маса со пријателите од Скопје (каде престојував), кои неколку години живеат и работат таму, во нивниот изнајмен дом, со поглед што би се рекло од милион долари во населбата Mellieħa.

Од нив за првпат слушнав дека Малта пак го слави својот Ден на независноста на 21. септември, кога ние Православните ја славиме Мала Богородица.

Богородица на некој начин ќе ме следи во текот на целото мое патување на Медитеранот.

Во Малта пред се дојдов да се видам со пријателите, кои ги немав видено со години, а главната дестинација ми беше соседна Сицилија во Италија. И двете земји ги посетив за првпат, па уживањето беше уште поубаво.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) еМагазин на патување по Медитеранот: Dancing on the street во Катанија во Сицилија

Се е под конец

Иако на времето бев многу добар по географија, сум заборавил дека земјата Малта е всушност составена од три острови: Малта – најголемиот, најмалиот – Комино и средниот по големина – Гозо, кој си има и свое посебно министерство.

Прватата импресија за земјата ми беше дека е многу чиста. Отпадот се селектира уште од дома, а ако не Ви е селектиран, ѓубреџиите нема да Ви го соберат, а тоа понатака значи и евентуална казна по друга основа.

Втората работа што ме импресионира беше што е многу тивко. Дури да се изнервираш :). Сакам тивко, но сепак сум навикнат на дозирана бучава.

Следеше шок дека барем во оваа населба нема доволно малскии продавници или трафики, па беше тешко да се најдат основни работи. Се израдував многу кога најдов и пиво Скопско за на плажа, што не е и за чудење, имајќи предвид дека имаме македонска дијаспора овде. Го пробав и нивното најпознато пиво Cisk. Лимонада. Само тоа ќе кажам.

Впечатливо за оваа населба, а подоцна истото го приметив и во Гозо и други населби по Малта е што речиси сите згради или куќи беа на висина како да се градени под конец, и сите со некои нијанси на бледа кафева боја. Еднолично и безбојно, на што не сум навикнат. Јас сум по боите.

Интересно, на моменти неможеш да приметиш што е нова, а што градба стара стотици години.

И да, многу цвеќиња и дрваја, секој тротоар е среден, а кружните текови се како мини градини.

Со еден збор, како да сте во некоја бајка на Дизни.

Солени„ цени

Малта е секако поскапа од Македонија, а за некои работи и од Грција, каде летуваат најголем број од македонските граѓани. Да, може да се најдат и поевтини работи, како нивните традционални пецива (минум 1,5 евра), а некаде можете да ручате или вечерате и за 15 евра, шпагети или пица.

Нивниот познат традционален сендвич со туна е на пример 4 евра и е во категоријата улична храна.

Во морска храна секако како што би се рекло можете да се „удавите“, а типично е дека нивната кујна е под големо влијание на италијанската, шпанската и француската кујна.

Едни од најпознатите нивни традционални јадења се варен зајак и кускусу со сезонски грав, а популарно е и свинското месо.

Експресо можете да пиете и за 1,5 евра, што Ви е и најевтиното кафе, а алкохолните пијалоци се минум 5 евра, зависно каде ги пиете. Во маркет можете да најдете и поевтини опции.

Најевтините цигари се 6 евра.

И јавниот превоз е поскап, но одлично организиран и точен.

Кога сме кај јавниот превоз да кажам дека автобус тешко дека ќе видите некој вистински Малтежанец да вози. Претежно ги возат Индиции и жители на азиски земји или жители од некоја африканска земја, кои се дојдени овде да работат. Од Балканот освен од Македонија овде по работа се дојдени и многу Срби.

Автобусите се главно превозно средство, а ги има околу 500. Поголемиот дел се во сопственост на самите возачи и возат според единствен распоред кој е одреден од државните институции. Половина од автобусите возат за јавниот превоз, додека другата половина служат за приватен и училиштен превоз.

И да, како и во Велика Британија, (чија колонија некогаш била Малта) воланот е од левата страна.

Цените за изнајмување на стан и слично секако варираат во текот на целата година, и се слични како во Грција.

Моите пријатели на пр. престојуваат во прилично голем стан за кој плаќаат 900 евра месечно, па слободно може да се каже дека Малта и не е некоја земја за печалба, имајќи предвид дека некои од работниците ги плаќаат само 5 евра за час.

Со Малтежаните нема „vibe“

Малтежаните, барем од мое искуство, ми делуваа како многу услужливи. Ако ги прашаш нешто, ќе ти кажат се, ама комуникацијата нема “vibe”, што би рекле новите генерации.

За вистински муабет тука Ви се бројните работници од странство, а и туристите :).

Државата има два официјални јазици – малтешки и англиски, така да комуникацијата Ви е полесна, ако знаете англиски јазик.

Во населбата има и градски плажи, кои може да завршат работа, но за плажите по Малта повеќе во следното продолжение.

Продолжува…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) еМагазин на патување по Медитеранот: Сиракуза – бисерот на Сицилија

(Галерија) еМагазин на патување по Медитеранот: Плажите во Катанија

(Галерија) еМагазин на патување по Медитеранот: Плажите на Малта

Фото: еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести