Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информираше дека вчера попладне под Царев Врв на Осоговските Планини бил спречен обид за подметнување шумски пожар.
Шумочуварите на „Национални шуми“ од подружницата Осогово од Крива Паланка, во месноста Алтан Врв, на надморска височина од 2.000 метри, нашле повеќе од 30 автомобилски гуми нафрлани на куп, картони, внатрешни гуми и суви борови стебла и гранки подготвени за палење.
Доколку палењето не било спречено, како што вели Ангелов, пожарот би се проширил во блиската шума.
„Голема благодарност до шумочуварската служба на Национални шуми. Апелираме до сите граѓани, доколку забележат сомнително однесување кое укажува на намера за предизвикување пожар надвор од населено место како што се гуми, штици, дрвени палети, пластични шишиња или туби со течност која наликува на бензин, итно да се јават на бројот 112 или да пријават во најблиската полициска станица или друга безбедносна служба,“ вели Ангелов.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.