Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова од денеска учествува на седмиот состанок на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Копенхаген, Данска, на кој се поканети 47 шефови на држави и влади.
Од нејзиниот Кабинет информираа дека вчера таа присуствувала на прием во Amalienborg Palace, организиран од кралот на Данска, Фредерик Десетти и кралицата Мери Елизабет.





Таа имала прилика да поразговара со францускиот претседател Емануел Макрон, со бугарскиот премиер Росен Жељасков, со британскиот премиер Кир Стармер, со претседателот на Литванија и со премиерите на Финска и на Малта.
„Ветувачки почеток во пријателска атмосфера и плоден разговор пред утрешните дискусии на коишто ќе ги претставам македонските позиции, согласно со нашите национални интереси“, напиша таа вчера меѓудругото за приемот на Фејсбук.
Таа ќе се обрати на панел-дискусијата „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани“, со која ќе претседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и албанскиот премиер Еди Рама.
Главните теми на состанокот на ЕПЗ ќе бидат војната во Украина и потребните чекори за посилна и побезбедна Европа во амбиент на конфликтна геополитичка ситуација.
Фото: Кабинет на претседателката