Во периодот од 6 ноември до 1. јануари, Град Скопје издало 90 прекршочни платни налози и глоби, 33 решенија за задолжување, 35 вонредни надзори и 290 опомени, информираше денеска градоначалникот Орце Ѓоргиевски.
Инспекторите за животна средина извршиле над 45 вонредни надзори на правни субјекти во кругот на поранешни фабрики ОХИС и Стаклара, како и на територијата на општина Сарај. Изречени се глоби во висина од 1.000 до 53.000 евра.
„Одговорни лица во правни субјекти се казнети со по 3.000 евра, додека десетици физички лица кои неправилно одлагаа отпад на јавни и приватни површини добија казни од 250 до 500 евра за палење и неправилно одлагање на отпадот.
Инспекцијата за патен сообраќај и патишта изврши контроли на девет градилишта, од кои седум беа задолжени со решенија за времен режим на сообраќај, а две имаа позитивни записници.
На едното градилиште е изречен прекршочен платен налог од 3.000 евра за правно лице и 900 евра за одговорното лице.
Комуналната инспекција изврши 240 контроли на градилишта низ целото Скопје, опоменувајќи 25 објекти, а на 11 се изречени глоби од по 1.300 евра. Комуналните редари вршат постојана обиколка и контрола на територијата на градот, плоштадите и јавните површини, со што се изречени повеќе од 60 казни“, информираше тој.
За буџетот за 2026 година, предвидени се 64 милиони денари за делот за животна средина, во споредба со 24 милиони денари во 2025 година, што јасно покажува колку сериозно ја сфаќаме заштитата на здравјето на граѓаните, посочи тој.
“Дополнително, се обезбедени 220 милиони денари за подигање и одржување на јавно зеленило и паркови, како дел од нашите искрени заложби за чист воздух и здрав живот.
Предвидени се субвенции за инвертер-клима уреди, чистење на оџаци, филтри за истите, субвенции за велосипеди итн“ рече тој.
Фото: Игор Бансколиев














