Грипот коси, пикот се очекува кон крајот на јануари

Во периодот од 29 декември до 4. јануари, во земјава се регистрирани 1.725 нови случаи на грип или заболувања слични на грип, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Бројот на заболени е зголемен за 2,2 пати во однос на претходната недела.

Во однос на минатата година, овој период имало 331 случај и претставува зголемување за 5,2 пати.

Според ИЈЗ вирусот најмногу се шири меѓу децата иако во апсолутни бројки најмногу заболени (749 лица) има во возрасната група од 15 до 64 години.

Најмногу заболени има во Скопје 716, по што следат Тетово (339), Куманово (150) и Велес (109).

Надлежните укажуваат дека ваквиот пораст не е изненадување поради празничните собири и прослави кои ја олеснија трансмисијата на вирусот. Сепак, најсилниот удар допрва се очекува.

Според директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, сезонскиот пик ќе се случи во втората половина на јануари и првата половина на февруари.

„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, предупреди таа.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести