И Струмица го добива својот Lidl: Поставен камен-темелникот на новиот маркет

Струмица е најновата клучна точка на инвестициската мапа на Lidl во земјава, информираат од таму.

Со денешното поставување на камен-темелникот, компанијата официјално ја започна изградбата на новиот маркет, кој не само што ќе ја прошири продажната мрежа, туку ќе донесе и директен поттик за локалната економија, посочуваат од таму.

Оваа инвестиција е дел од стратешкиот развој на Lidl во Македонија, насочен кон создавање нови работни места, поддршка на домашното производство и воспоставување на најсовремени малопродажни стандарди.

Пред присутните високи гости и претставници на локалната заедница, оперативниот директор на Лидл Северна Македонија, Рубријан Хаџиев, истакна дека овој проект е симбол на долгорочната посветеност на компанијата кон македонскиот пазар.

„Поставувањето на темелите во Струмица е важен чекор во реализацијата на нашата визија. Досега Lidl инвестираше повеќе од 200 милиони евра во модерна логистичка и продажна инфраструктура, градејќи систем кој носи вредност за сите. Секој наш маркет е новa можност за работни места и мост локалните добавувачи до нашата широка мрежа.

Горди сме што минатата година извозот на македонски производи преку Lidl достигна 15,5 милиони евра, а со објекти како овој во Струмица, тие можности дополнително ќе растат“, изјави Хаџиев.

Тој додаде дека Lidl останува посветен на воведување високи стандарди во малопродажбата, како и на инвестиции кои создаваат долгорочна вредност.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, посочи дека ваквите инвестиции се јасен сигнал за подобрената деловна клима и довербата на странските инвеститори.

„Доаѓањето на еден од наjголемите светски брендови во трговиjата како што е Лидл многу значи за државата, за економијата на државата и за бизнис климата. Станува збор за инвестиција вредна повеќе од 200 милиони евра, која ќе отвори нови можности за економски раст и отворање нови работни места. Знам дека Lidl веќе извезува македонски производ и сакам да се заблагодарам за тоа.

Убеден сум дека новиот маркет на Lidl во Струмица ќе придонесе не само за поголем избор и поквалитетна понуда за потрошувачите, туку и за дополнителен пласман на македонските производи, особено на земјоделските производи од струмичкиот регион. Како Влада сме благодарни и ќе продолжиме да ги поддржуваме сите инвестиции кои придонесуваат за развојот и конкурентноста на македонската економија“, нагласи Николоски.

Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, изрази задоволство што светски бренд како Lidl го препознава економскиот потенцијал и претприемачкиот дух на регионот.

„Овој маркет е голема придобивка за Струмица. Тој значи нови вработувања и нови партнерства за нашите локални компании. Нашата општина останува отворена за соработка и поддршка на проекти кои го унапредуваат квалитетот на животот. Верувам дека ова е почеток на едно успешно партнерство кое ќе донесе долгорочен просперитет за нашите сограѓани“, истакна Јанков.

Директорот за недвижности на Lidl за Бугарија и Северна Македонија, Бисер Инчовски, нагласи дека компанијата при изградбата на своите објекти применува најсовремени стандарди за одржливо градење, истовремено создавајќи вредност и за домашната економија.

„Новиот маркет во Струмица се гради според највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност и одржливост, со примена на современи технолошки решенија кои придонесуваат за заштита на животната средина. Посебно внимание посветуваме и на уредувањето на просторот, па дури 20 проценти од парцелата ќе бидат озеленети.

Истовремено, особено ни е драго што во реализацијата на овој проект како изведувачи се ангажирани исклучиво домашни компании. На тој начин, покрај создавањето современ малопродажен објект, директно придонесуваме и за развојот на локалната градежна индустрија и македонската економија“, изјави Инчовски.

Клучни факти и бројки за новиот маркетна Lidl во Струмица

Вкупна површина: 2.445 m².

Малопродажен простор: 1.500 m².

Паркинг места: 111 паркинг места за лесен пристап и удобност при купувањето.

20% зеленило во рамките на парцелата.

Енергетска ефикасност: Објектот се гради според највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност и одржливост, со примена на современи технолошки решенија за заштита на животната средина.

Во подготовката за отворањето на маркети низ земјата Лидл Северна Македонија спроведува активна кампања за вработување на персонал во продажба и работа во логистичкиот центар. Заинтересираните кандидати може да аплицираат на jobs.lidl.mk.

Lidl досега има инвестирано повеќе од 200 милиони евра во развој на современа малопродажна и логистичка инфраструктура во земјава. Компанијата е дел од групацијата Schwarz Group, и е еден од водечките трговци со храна во Европа.

Компанијата управува со околу 12.900 маркети во 31 држава, а вработува над 395.000 луѓе ширум светот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести