Синодот денеска го избра игумен Георгиј за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
За оваа цел, Отец Георгиј ги помина духовните скалила за неполн месец – се замонаши на 27. мај, на 28. мај беше ракоположен за јероѓакон, а на 29. мај за јеромонах.
На празникот Педесетница (8. јуни), беше произведен и за игумен од страна на архиепископот г.г. Стефан.
Наречението на новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12. јули 2025 година, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13. јули 2025 година, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.
На Епископ Антаниски Партениј кој е 30 години монах во Дебарско-кичевската епархија и му беше помошник на упокоениот Митрополит Тимотеј, не му се даде ниту шанса за да влезе во изборот. Оттука, немаше избор, туку предлогот само беше изгласан.
Откако во јавноста се дозна за овој предлог, истиот наиде на негодување помеѓу верниците од епархијата, и преку собири во Скопје, Охрид и Кичево бараа Епископ Партениј да биде митрополит, имајќи ги предвид делата кои ги има зад себе преку тридецениското служење на Црквата, возобновувањето на манастирите во Западна Македонија, зголемување на бројот на монашката заедница, грижата за маргинализирани општествени групи, привлекувањето на илјадници верници, кои што, спас најдоа во Бигорски манастир.
„Почитувајќи ја одлуката на Светиот синод, нашето монашко братство, предводено од Старецот, Епископот Антаниски г. Партениј, му упатува срдечни честитки на новоизбраниот и молитвени благопожелби за богоблагословено архипастирско служење, исполнето со просветление, мудрост и пожртвувана љубов кон Христовото словесно стадо,“ напишаа од таму за изборот.
Што пишува во неговата биографија?
Новоизбраниот митрополит Дебарско-кичевски, е роден на 24. јули 1968 година во Скопје, како второ дете во благочестивото семејство на Душан и Даница. По завршувањето на основното образование во 1982 година, се запишува во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево и како дел од деветнаесетта генерација богослови матурира во 1986 година.
Високото богословско образование го продолжува на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, каде и дипломирал, а во октомври 1990 година се враќа во Богословијата во Драчево и во текот на следните три години ги предава предметите: Свето писмо на Стариот и Новиот завет, Црковнословенски јазик, Старогрчки јазик, Латински јазик, Црковно пеење и Теорија на музиката.
Во 1993 година започнува со последипломски студии на Источниот институт во Регенсбург – Германија, а следната година заминува за Рим, Италија, каде што во 1996 година магистрира, а потоа и докторира во 2000 година на одделот за Библиски студии при Теолошкиот факултет на Понтификалниот Универзитет „Грегоријана“ во Рим – Италија.
После враќањето од последипломските студии во 1999 година, две години предава во Богословијата (Свето писмо Стариот Завет, Црковнословенски јазик и Старогрчки јазик), а од 2001 година е професор на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, по предметите Вовед и Егезегеза на Светото писмо на Стариот завет и Библиска историја со археологија.
Од 2000 до 2010 година ја извршува должноста шеф на Кабинет на Архиепископот, а од 2000 до 2007 година е и секретар на Американско-канадската православна епархија.
Во периодот од 2010 до 2014 година ја извршува функцијата амбасадор на Македонија при Светата Столица во Рим.
По завршувањето на мандатот, повторно се враќа како професор на Богословскиот факултет, а во периодот од 2016 до 2023 година во два мандати е декан на Факултетот.
Активно учествува во работата на Македонското библиско здружение, а од 2020 година ја извршува должноста генерален секретар.
Тој е вклучен во завршниот дел при подготовката на ревидираното издание на Светото писмо во 2006 година, а воедно е и координатор на преведувањето на Новиот завет (2023) и Псалмите (2024) од оригиналните јазици.
Член е и на комисијата на Македонската Православна Црква за превод на Богослужбеното Евангелие (2008).
Од странските јазици, активно ги говори италијанскиот и англискиот јазик, а се користи и со германскиот и францускиот јазик.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мирен народен собир поради начинот на избор на нов Митрополит на Дебарско-кичевската епархија
Фото: liturgija.mk