Комерцијална банка лани со зголемена добивка

Комерцијална банка АД Скопје лани остварила добивка пред оданочување од 5.632,6 милиони денари, соопшти Банката преку Македонската берза.

Претходната година имаше добивка пред оданочување од 5.482,1 милиони денари, па има зголемување на истата за 2,7%.

-Планираната бруто добивка за 2025 година е остварена со 109,3%.

Данокот на добивка во 2025 година изнесува 555,3 милиони денари, а нето-добивката за годината изнесува 5.077,3 милиони денари, или 3,1% повеќе во однос на минатата година, велат од таму.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 2% повисока во однос на минатата година, велат од таму.

-Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста (пред сè поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања во однос на претходната година) и зголемените нето-приходи од камати, a во помал обем и поради зголемените нето-приходи од курсни разлики и зголемените нето-приходи од провизии и надомести, посочуваат од таму.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 9.083,5 милиони денари и бележат зголемување од 2,1% во однос на минатата година.

-Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.12.2025 година истите бележат зголемување од 1% во однос на минатата година. Планот е исполнет со 102,1%.

Приходите по основ на камата се зголемени за 1,8%, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата, а во помал обем зголемени се и приходите од нефинансиските друштва и државата, како резултат на зголемените пласмани.

Расходите по основ на камата се зголемени за 8% поради зголемените орочени депозити, споредено со минатата година.

Нето каматната маржа на ниво на Банката со 31.12.2025 година изнесува 3,55%, додека на крајот од минатата година истата изнесуваше 3,85%.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2025 година изнесуваат 1.224,0 милиони денари и во однос на минатата година бележат зголемување од 2,7% како резултат на зголемен обем на работење со клиентите, во услови на извршени значајни намалувања на надоместоците од страна на Банката.

Имено, во услови на промена во моделот на работење на системот за порамнување на меѓубанкарските плаќања – МИПС и намалените надоместоци согласно измените во Тарифникот од НБРСМ кои се применуваат од август 2025 година,

Банката изврши соодветно намалување на надоместоците за денарски платежни трансакции почнувајќи од 01.10.2025 година, кое се движи помеѓу 30% за меѓубанкарските плаќања, до 100% за интерните плаќања на клиентите преку електронско банкарство. Планот за анализираниот период е остварен со 104,3%, велат од таму.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 426,2 милиони денари и бележат зголемување од 13,1% во однос на минатата година, како резултат на одржување на отворената девизна позиција на оптимално ниво кое овозможуваше остварување задоволителни приходи во услови на непречено исполнување на вкупните капитални барања, како и по основ на зголемен промет на девизниот пазар на Банката со клиенти правни и физички лица. Планот за анализираниот период е остварен со 134,9%, посочуваат од таму.

-Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2025 година изнесуваат 1.288,5 милиони денари и бележат зголемување од 8,3% во однос на минатата година, во најголем обем поради поголемиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања. Планот е остварен со 102,2%.

Оперативните расходи за периодот 01.01. – 31.12.2025 година изнесуваат 2.789,7 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 2,4%, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 99,1%.

Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.12.2025 година изнесува 655,3 милиони денари и бележи намалување од 2,3% во однос на минатата година кога изнесуваше 670,5 милиони денари.

Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.

Во периодот од 01.01. до 31.12.2025 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 5,9 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ, велат од таму.

Вкупната актива на Банката достигна износ од 192.528,1 милион денари и во однос на декември 2024 година бележи зголемување од 7,8%.

-Зголемувањето на вкупната актива во најголем обем се должи на зголемените кредити на комитенти и зголемените парични средства, а во помал обем и поради зголемените вложувања во хартии од вредност. Планот е остварен со 102,6%, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Комерцијална банка ќе дели дивиденда од 1.350 денари за акција

Комерцијална банка продаде 558 сопствени акции по пат на јавна понуда

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести