По поплавите, водата за пиење во Крушево е заматена, каква е состојбата на другите места

Состојбата со поплавите по обилните дождови се стабилизира, но се уште постои опасност за излевање на реките, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Кочани и Штип

Кај Оризарска река во селото Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици. Сообраќајот на патниот правец Кочани – Грдовци е нормализиран. На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.

Битола

Во населбата Стрчин, КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја. Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите. Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река. Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини. Нивото на водата во реките е во опаѓање.

Ресен

Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка. Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри. Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен, кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.

Крушево

Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути. Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена. Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.

Демир Хисар

Локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.

Прилеп

Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот. Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали. Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.

Тетово

Патот кон Бање, Тетово, е исчистен, но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини. Патот кон селото Жерма и кон селото Бродец е прооден. Состојбата во селото Стримница, Општина Желино, се следи континуирано од надлежните служби.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Поплавите во Кичево снимени со дрон ја покажуваат сериозноста на состојбата на терен

Евакуирани граѓани во Кичево поради поплави, слична состојбата и во Охрид

Црвен крст собира помош за настраданото население во Кичево

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести