Од денеска во следните шест месеци со Европската унија (ЕУ) ќе претседава најмалата земја членка по население – Кипар.
Во однос на проширувањето на Унијата, Украина ќе биде клучен приоритет, соопшти Кипар.
Како што информираше земјата, во следните шест месеци ќе се фокусира на автономија преку безбедност и одбрана, автономија преку конкурентност, отвореност кон светот, споделени вредности, како и преговори за буџетот за следната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ.
Меѓу приоритетите се и зајакнувањето на трансатлантските односи и соработката меѓу ЕУ и НАТО, слободата на навигација и безбедноста на морските коридори, преку спроведување на Стратегијата на ЕУ за поморска безбедност, како и управувањето со миграцијата.
Кипар ќе се залага и за административно поедноставување, зајакнување на енергетската безбедност преку алтернативни патишта за снабдување и прифатливи цени, како и за зајакнување на дигиталниот суверенитет со цел намалување на зависноста од надворешни актери.
Земјата ќе работи и на зајакнување на односите на ЕУ со јужното и источното соседство, како и со земјите од Персискиот Залив, и на поттикнување на соработката преку економскиот коридор Индија-Блискиот Исток-Европа.
Посебно внимание ќе посвети и на продлабочувањето на односите со Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив и Лигата на арапските држави.
Фото: Игор Бансколиев














