Од американската влада информираа дека претседателот Доналд Трамп ја потпишал одлуката за Западен Балкан со која се продолжуваат за една година вонредните мерки, кои во 2001 година, ги донесе поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД работи на нова „црна листа“ за Западен Балкан, кој ќе заврши на неа од Македонија?
Оваа одлука меѓудругото вклучува и објавување на т.н. црни листи на лица, организации и компании од Западен Балкан, кои ги загрозуваат интересите на САД, а предвидува блокирање средства, забрана за влез во САД и финансиски трансакции.
Кој од Македонија моментално е на „црната листа“
Артан Груби, кадар на ДУИ, поранешен прв вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, заедно со неговото семејство, е последниот политичар од Македонија кој заврши на оваа листа. Тој моментално е во бегство, откако претходно беше осомничен за злоупотреби во Државна лотарија.
Заедно со него на „црната листа“ заврши и судијата од Апелациониот суд Скопје, Енвер Беџети. И двајцата се на истата поради примање поткуп за влијание врз судските случаи кои се воделе против поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, кој исто така од порано е на оваа листа.
Во март лани на оваа листа беа ставени и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на скопски Карпош, Стевчо Јакимовски.
На листата завршија и синот и сопругот на Јанева, како и двајцата возрасни синови на Јакимовски.
Во 2023 година на листата беше ставен и бизнисменот и поранешен вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Претходно заедно со фирми поврзани со нив на т.н. црна листа за Македонија беа додадени и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина Самсоненко и мајката на македонскиот бизнисмен, Орце Камчев, Ратка Куноска Камчева.
На листата е и бизнисменот Орце Камчев, како и уште еден градоначалник, на Струга, Рамиз Мерко, кадар на ДУИ.
Мерко заедно со неговото семејство заврши на листата поради корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судски случаи.
Поради корупција на “црната листа“ завршија и поранешниот премиер на Македонија и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Мијалков, како и нивните потесни семејства.
На “црната листа“ на САД е ставена и фирмата која што Груевски ја отвори во Унгарија, каде по бегството доби политички азил. Станува збор за компанијата I.C.I.C. LTD, која што е отворена во 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со Груевски.
На листата од претходно се наоѓаат и Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.
Повеќето од нив се ставени на оваа листа за време на администрациите на Бил Клинтон и Џорџ Буш помладиот, а најголемиот дел се поранешни припадници на ОНА и АНА, а дел се и поранешни пратеници.
Фото: Унсплеш