Кој е Бојан Маричиќ, новиот претседател на ДИК

Вчера во македонското Собрание за нов претседател на Државната изборна комисија (ДИК) беше избран кадарот на опозициската СДСМ, Бојан Маричиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бојан Маричиќ е нов претседател на ДИК

За нов потпретседател пак е избран Абдуш Демири, кадар на владејачката коалиција Вреди.

За членови на ДИК се избрани Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Димитрие Шеху.

Кој е Маричиќ

Маричиќ е роден на 7. јануари 1983 година во Скопје.

Дипломирал во 2006 година на отсекот меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во 2009 година магистрирал по меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам, Кралството Холандија, со целосна стипендија од МТЕК програмата на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.

Во 2011 година магистрирал на Современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Обединетото Кралство, со целосна стипендија доделена од Чивнинг програмата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство.

Професионална и политичка кариера

Професионалната кариера ја започнува во 2006 година како демонстратор по Право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Од февруари 2007 до август 2008 година е проектен асистент на проект за приближување на европското законодавство во Секторот за правни и кадровски работи на Министерството за внатрешни работи.

Од септември 2009 до септември 2010 година работи како проектен координатор и аналитичар во правната програма, програмата за јавна администрација и ЕУ програмите во Фондацијата отворено општество – Македонија.

Од септември 2011 до ноември 2013 година бил ангажиран како виш истражувач за правни и политички прашања во Евротинк – Центар за европски стратегии, водечка граѓанска организација за истражување, обуки и мониторинг на пристапувањето на Македонија во ЕУ.

Маричиќ бил истражувачки асистент на Фулбрајт проект на професорот Кит Браун од Браун Универзитет, САД, во периодот од октомври 2012 до октомври 2013 година, стои во неговата биографија.

Функцијата извршен директор на Евротинк ја извршувал од ноември 2013 до јуни 2017 година.

Во периодот од јуни 2017 до јануари 2020 година е посебен советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата на Македонија.

Од јули 2017 година е национален шерпас за Берлински процес, а од јули 2018 година е заменик на главниот политички преговарач, главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим за пристапување на Македонија кон Европската унија.

Маричиќ од јануари 2020 година е национален координатор за интеграција во ЕУ, Берлински процес и регионална соработка.

Од 30. август 2020 година ја извршувал функцијата министер за правда во Владата на премиерот Зоран Заев.

Во јануари 2022 година пак стана вицепремиер за европски прашања.

Автор е на преку 20 академски и аналитички публикации во областа на ЕУ интеграциите на Македонија и Западен Балкан во ЕУ.

Фото: Влада/Маричиќ/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести