Кој сè е обвинет за пожарот во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани до Основниот суд Кочани денеска поднесе обвинителен акт за пожарот во т.н. дискотека/кабаре “Пулс“ во Кочани во кој загинаа 62, а беа повредени 203 лица.

Обвинение е поднесено за 34 физички и три правни лица.

Сите лица се товарат за кривичното дело – тешки дела против општата сигурност, освен едно, кое е обвинето за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре клуб.

Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата „Класик ДМ ДОО Кочани“ чија подружница била т.н. дискотека/кабаре „Пулс“, односно фирмата „МММ Кафе ДООЕЛ Кочани“, со подружница на правното лице т.н. дискотека/кабаре „Пулс“ Кочани.

Тие се обвинети дека во период од 13. декември 2012 до 16. март 2025 година вршеле угостителска дејност без да ги исполнат законските услови за реконструкција на објектот и негова пренамена за оваа дејност.

Меѓу обвинетите се и членови на семејствата на првообвинетите.

Обвинети се и тројца поранешни градоначалници на Општина Кочани, како и четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и генерален инспектор во ДЗС.

Меѓу обвинетите се и пет државни службеници, еден генерален секретар и двајца поранешни министри за економија, службеници на Државниот пазарен инспекторат, управителот на агенцијата која ја обезбедувала дискотеката, како и четворица вработени во истата.

Обвинета е и архитектка, сопственичка на правно лице од Кочани.

Сите тие со непреземање на своите службени должности придонеле во Кочани да функционира објект како кабаре клуб без да ги исполнува минималните услови за таа намена, посочија денеска на прес-конференција од Основното јавно обвинителство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

13. уапсени полицајци се осомничени дека не спречиле користење на пиротехника во т.н. дискотека во Кочани

Каков имот пријавил Александар Нацев, кој доби притвор за пожарот во Кочани

Кој е Александар Нацев, новиот осомничен за пожарот во Кочани

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести