Комерцијална банка со намалена добивка во третиот квартал

Комерцијална банка АД Скопје во првите девет месеци од годинава остварила добивка од 4.250,1 милиони денари, која споредено со истиот период лани (4.422,6 милиони денари) бележи намалување за 3,9%, соопшти Банката преку Македонската берза.

-Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 4,8 % пониска во однос на истиот период минатата година.

Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од намалените останати приходи од дејноста (пред сè помал износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помал износ на евидентирана капитална добивка од продажба на преземен имот во однос на претходната година), a во помал обем и поради зголемените вкупни расходи од работењето кои не ги надминуваат планските проекции, велат од таму.

Вкупните приходи од работењето на Банката изнесуваат 6.453,7 милиони денари и бележат намалување од 2,6% во однос на истиот период минатата година.

-Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2025 година истите бележат мало зголемување од 1,1% во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 101,7%.

Приходите по основ на камата се зголемени за 1,7 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани.

Расходите по основ на камата се зголемени за 6,7% поради зголемените орочени депозити, споредено со истиот период минатата година.

Проектираната годишна нето каматна маржа на ниво на Банката со 30.09.2025 година изнесува 3,58%, додека на крајот од третиот квартал од минатата година истата изнесуваше 3,87%.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2025 година изнесуваат 904,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 3,3%, во најголем обем како резултат на зголемен обем на работење со картички. Планот за анализираниот период е остварен со 102,7%.

Нето-приходите од курсни разлики на 30.09.2025 година изнесуваат 323,9 милиони денари и бележат зголемување од 20,9% во однос на истиот период минатата година, како резултат на одржување на отворената девизна позиција на оптимално ниво кое овозможуваше остварување задоволителни приходи во услови на непречено исполнување на вкупните капитални барања на Банката. Планот за анализираниот период е остварен со 136,7%, велат од таму.

Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 730,1 милиони денари и бележат намалување од 26,1% во однос на истиот период минатата година, главно како резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања и помалку остварени приходи од капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 77,2%, посочуваат од таму.

-Оперативните расходи за периодот 01.01 – 30.09 2025 година изнесуваат 1.785,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 3,7%, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 84,6%.

Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 30.09.2025 година изнесува 412,9 милиони денари и бележи намалување од 13,6% во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 478 милиони денари.

Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.

Во периодот од 01.01 до 30.09 2025 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 4,9 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Вкупната актива на Банката на 30.09.2025 година достигна износ од 186.736,2 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележи зголемување од 4,5%. Зголемувањето на вкупната актива во најголем обем се должи на зголемените парични средства и зголемените кредити на комитенти. Планот е остварен со 100,7%, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како работела Комерцијална банка во првото полугодие

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести