Кривични за поранешен директор на Сектор и раководител на Одделение во М-НАВ, го оштетиле буџетот на компанијата за околу 1,5 милиони денари

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против В.К во својство на поранешен извршен директор на Секторот за воздухопловна техника во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје поради основи на сомнение за сторено кривично дело ,,Злоупотреба на службена положба и овластување член 353 став 2 од Кривичниот законик и против Б. А. во својство на в.д. раководител на Одделение за јавни набавки во Друштвото поради основи на сомнение за сторено кривично дело ,,Несовсено работење во службата член 353-в став 2 од Кривичниот законик, информираа од таму.

-Првопријавениот В. К. ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што извршил спојување на две сосема различни неспоиви јавни набавки во една, и тоа набавка за изработка на целосно оперативно решение за управување со документи, односно набавка на софтверско решение, со набавка на физичко и електронско архивирање на документи, и искористувајќи ја својата службена положба, во текот на 2022 година, спротивно на член 89 од Законот за јавни набавки, изработил технички спецификации и тендерска документација со дискриминирачки и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка за обезбедување и имплементација на целосно оперативно решение за управување со документи со број на оглас 12253/2022, во кои вметнал услови и критериуми кои доминантно се однесуваат на физичко архивирање на документите и немаат никаква врска со изработка на целосно оперативно решение за управување со документи односно набавка на софтверско решение, што е спротивно на начелото на сразмерност од член 8 и начелото на конкуренција од член 5 од Законот за јавната набавка.

Второпријавената Б. А. како  единствено лице кое поседува овластување за водење постапки за јавни набавки, со пропуштање на должен надзор, несовесно постапувала во вршење на своите овластувања и должности на начин што иако била свесна дека така подготвената тендерска документација и техничка спецификација е изготвена спротивно на Законот за јавни набавки, ја објавила на електронскиот системот за јавни набавки со што овозможила спроведување на истата

Со така дефинираните дискриминирачки и несразмерни критериуми за квалитативен избор, намалувајќи ја конкуренцијата, пријавените го оштетиле Буџетот на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје за износ од 1.493.433 денари, за кој износ му овозможиле да оствари  корист на правното лице Друштво за скенирање, обработка и складирање на документи Контего ДОО Скопје, со кое е склучен договор, велат од таму.

Фото: М-НАВ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести