Конечно за случајот со разрешениот директор на Клиниката за неврологија, докторот Игор Кузмановски, кој беше разрешен поради објавена снимка на која се гледа како користи дрога, се огласија и од Лекарската комора, која меѓудругото треба да одлучи и дали ќе му биде продолжена лиценцата за работа, која му е истечена во март.
Од таму во врска со тоа велат дека “доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано“ и дека тој и понатаму останува без активна лиценца.
Од Комората упатуваат и “морална осуда за настанот“.
-Оваа се прави со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат.
Комората нагласува дека д-р Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значење во заедницата. Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството.
Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги, велат од таму.
Комисијата за етнички и правни прашања на Комората, како што информираат од таму детално ги разгледала документите добиени од Министерството за здравство, а била направена и проверка на поднесените претставки до Комората за евентуални етички пропусти во работењето, при што било констатирано дека нема случај поврзан со Кузмановски.
-Со цел да може да се обезбедат соодветни факти и да се добие целосна слика за етичкото однесување на докторот во изминатиот период, што сметаме дека е важно во оваа ситуација, Комисијата цени дека е важно да ги имаат на увид и извештаи од стручните комисии формирани за овој случај од страна на Министерството за здравство и од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија.
По добивањето на овие официјални извештаи и комплетирањето на информациите, Комисијата ќе донесе заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Разрешениот Кузмановски парично казнет од Државниот санитарен и здравствен инспекторат
Каков имот пријавил Игор Кузмановски, разрешениот директор на Неврологија
Разрешениот директор на Неврологија, Кузмановски, немал лиценца за доктор
Фото: Унсплеш