На 16. март 2025 година во пожар во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а беа повредени над 200. Трагедија каква што Македонија не памети и никогаш нема да ја преболи.
За трагедијата во тек е судски процес, кој започна во ноември, а кој ќе биде епилогот од него поради голем број на обвинети и неколкуте посебни предмети, и кога ќе заврши, никој не знае.
Бројот на загинати ќе беше поголем, ако не беа бројните херои кои помагаа таа кобна ноќ и во периодот кој следеше.
Младите момчиња Јован, Филип, Андреј, Марко, Никола, Давор, Илија, Петар, Игор, Мирче, Давид, Борис… и други лица, го ризикуваа својот живот влегувајќи во објектот за да спасат нивни сограѓани, пријатели, другари… За дел од нив јавноста дозна, за други никогаш нема да дознае.
Трагедијата ќе беше уште поголема ако не беа храбрите пожарникари, лекари, сестри, доктори од земјата и странство, преставници на Црвениот крст, доброволните пожарникари, кочанските таксисти, цивилите кои со сопствени возила ги превезуваа повредените…
Да не го заборавиме и возачот на Брзата помош, Иле Гоцевски, на кога срцето од тоа што го виде додека превезуваше цела ноќ повредени, буквално му пукна и не напушти.
Неколку месеци по трагедија, јавноста има чувство дека не ја научивме лекцијата од оваа голема трагедија, а на сите ни е јасно дека ако и за овој случај нема вистинска правда, ќе не нема ни нас, ни државата.
Признанието Личност на годината, еМагазин го доделува од 2013 година.
Минатата година Личност на годината беа храбрите македонски пожарникари.
Во 2023 година Личност на годината беше малиот генијалец Македон Димитровски, македонското чудо од дете, поради неговите бројни успеси, но и неговата личност и карактер.
Личност на годината во 2022 година беше Марко Пејчиновски од Охрид, кој не остави без здив со неговите препливувања на Охридското Езеро.
Претходната година Личност на годината беше доктор Никола Пановски, кој беше гласот и разумот на науката, во борбата против Ковид-19.
Личности на годината за 2020 година беа здравствените работници, поради нивната пожртвуваност во битката против Ковид-19.
Личност на годината за 2019 година беше главната хероина на документарниот филм „Медена земја“, Атиџе Муратова, која со својата скромност и однос кон пчелите остави силен впечаток врз милиони луѓе во светот.
Личност на годината за 2018 година на еМагазин беше актерката и активистика Ирена Ристиќ, која ја крена свеста на граѓаните и институциите за здрава животна средина.
Во 2017 година, Личност на годината беше тогаш главниот тренер на ракометниот клуб „Вардар“ и селекторот на Македонската репрезентација Раул Гонзалес, поради историскиот успех на РК „Вардар“ со освојување на тронот во Лигата на шампиони на ЕХФ.
Во 2016 година Личност на годината беше обвинителката Фатиме Фетаи, поради зборот правда која често го користеше.
Во 2015 година ја избравме Ленче Здравкин, поради несебичната грижа кон бегалците, нејзината помош и големото срце.
Во 2014 година Личност на годината на еМагазин беше студентот од Битола, Томе Кириази, кој на сиромаштијата и пркосеше со своето знаење и натпросечна интелигенција.
Во 2013 година ја избравме уметничката Розе Мојсовска, која и покрај телесниот хендикеп, создава уметнички дела цртајќи со уста.
Фото: Фејсбук













