Македонски Телеком АД Скопје во првите девет месеци од годинава има раст на приходите од продажба за 1,6%, соопшти Друштвото преку Македонската берза.
-Приходите од продажба на крајот од првите девет месеци од 2025 година бележат зголемување од 1,6% во споредба со истиот период од претходната година и изнесуваат 9.198 милиони денари.
Во рамки на приходите од основниот бизнис се бележи благ раст од 0,6% кај фиксните услуги, и раст од 1,5% во мобилниот сегмент споредено со истиот период од претходната година, додека приходите од системска интеграција бележат значително зголемување од 28,6%.
Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) во првите девет месеци од 2025 година изнесува 4.111 милиони денари. Истата е зголемена за 6,1% во споредба со истиот период од претходната година заради намалените оперативни расходи и зголемените приходи од продажба.
EBITDA маргината во првите девет месеци од 2025 година е зголемена за 1,8 процентни поени и изнесува 44,3% во споредба со 42,5% на крајот од истиот период од претходната година.
Како резултат на движењата на страната на приходите и трошоците, како и финансиските приходи и расходи, нето добивката во првите девет месеци од 2025 година година е зголемена за 14,9% во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 1.881 милиони денари.
Зголемувањето е резултат на намалените оперативни расходи и зголемените приходи од продажба делумно компензирано со намалените финансиски приходи кои произлегуваат од прикажувањето на објективна вредност на финансиските средства (акции во други македонски компании) искажани преку добивката, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој има најмногу претплатници, А1 Македонија или Македонски Телеком?
Горан Марковиќ е новиот главен извршен директор на Македонски Телеком














