Нема ниту еден факт кој го поврзува Максути со трагедијата, кажа одбраната на поранешниот директор на ДЗС

На денешното рочиште за трагедијата во Кочани, одбраната на еден од четворицата обвинети поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Беким Максути, меѓу друго посочи дека не постои ниту еден факт кој го поврзува со пожарот во т.н. дискотека „Пулс“.

Според неговиот адвокат Еленко Миланов обвинението против Максути е неосновано. Тој посочи дека неговиот клиент не може да се доведе во причинско-последична врска со трагедијата, а според него вистинските виновници за пожарот не се опфатени со обвинението. Тој нагласи дека пожарот е последица на недозволена употреба на пиротехнички средства во затворен простор.

Посочи и дека нема никакви елементи на дејствија на сторување, ниту пак елементи на причинско-последична врска од неговата функција директор на ДЗС во одреден период, подвлекувајќи дека тоа што од 2009 година во Општина Кочани немало инспектор на ДЗС, нема никаква врска со пожарот.

Истакна и дека до ДЗС никогаш не била доставена проектна документација за „Пулс“, посочувајќи дека Максути е само извршител на системот.

Максути не даде дополнителни коментари и се согласи со воведниот збор на неговиот адвокат.

Основното јавно обвинителство ги товари поранешните директори на ДЗС во периодот од 2012 до 10. март 2025 година дека, иако биле свесни за можноста од штетни последици, не презеле мерки за заштита на животите и имотот од пожари.

Според обвинението, тие не постапиле по законските обврски предвидени во член 68 и член 139 од Законот за заштита и спасување, ниту спровеле надзор врз прописите и правилниците за противпожарна заштита.

Дополнително, тие не донеле одлука за распоредување инспектор во Општина Кочани, која од 2012 година останала без инспектор.

Според Обвинителството, во годишните планови до 2020 година не било предвидено спроведување инспекциски надзор над објекти во Кочани, што според Обвинителството е клучен пропуст.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Селами немал законски надлежности да постапи, кажа одбраната на поранешниот директор на ДЗС на судењето за трагедијата во Кочани

Мојата совест е чиста, обвинет сум за “несторување со умисла“ во нефункционален систем, кажа Аднан Џаферовски, поранешниот директор на ДЗС на судењето за трагедијата во Кочани

„ДЗС не е детективска служба да открива нелегални и нерегистрирани објекти“, кажа обвинетиот министер Салиу на судењето за трагедијата во Кочани

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести