На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека во Кочани, сведочеше и Драган Апостолов, командир на Територјалната противпожарна едница (ТППЕ) Кочани.
Тој меѓу друго рече дека целата опрема и вработени од ТППЕ Кочани биле ангажирани таа ноќ. Станува збор за девет возила од кои пет биле теренски и навални возила, три џипа со помала носивост на вода и едно командно возило “лада нива“, а била побарана помош и од ТППЕ Виница, Штип, Свети Николе и Пробиштип
Кажа дека кога пристигнал таму во 2:55 часот, од влезната врата на објектот излегувал само чад, а огнот бил распламтен внатре. Горел плафонот, шанкот и бината.
Раскажа дека имало многу деца кои барале помош и со опрема и кислород влегол внатре, каде веќе имало негови колеги, од кои дел извлекувале лица, а дел се бореле со огнот.
-Јас со млазот вода влегов внатре и правев лепеза од вода за да се намали температурата, да не не пеплоса огнот сите, додека останатите извлекуваа лица, рече тој.
Најмногу повредени и починати лица имало во предходникот пред влезната врата, кој според него не бил поголем од три до четри метри.
Рече и дека во објектот било зачадено и многу топло, посочувајќи дека тој и со заштитна опрема, иако не допрел до огнот, добил изгореници и пликови на рацете и главата.
Подвлече и дека пред тоалетот имало сандаче хидрант и црево, но немало вентил и не можеле истиот да го користат, како и расфрлани употребени противпожарни апарати од девет килограми.
Појасни и дека гасењето на пожарот било од две страни, внатре преку главната врата, како и од задната врата, за која рече дека незнае дали била отворена или разбиена, но дека пред неа немало ниту повредни, ниту изгорени, и дека сите се обидувале да излезат преку главната врата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Игор Бансколиев














