Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска во македонското Собрание, одговарајќи на пратенички прашања, меѓудругото, рече дека нема да направи „ни милиметар“ поместување за уставните измени сè додека во бугарскиот Комитет за малцинства не биде вклучен и Македонец.
„Во Бугарија има Комитет во кој членуваат претставници на малцинствата – Роми, Турци и Ерменци, а зарем ние Македонците кои имаме 14 пресуди во Судот за човекови права во Стразбур, не заслуживме место во тој комитет, а тие заслужија место во нашата Преамбула.
Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, а за тоа треба сите да работиме, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер на оваа влада“, рече Мицкоски.
Тој се осврна и на извештајот на специјалниот известувач на Европската унија за Македонија, кој на 4. јуни ќе биде предмет на расправа во Европскиот парламент. Тој посочи дека се работи за историски значаен документ.
„Во овој извештај стои дека имаме посебен македонски идентитет различен од нивниот, не после 1945 година, туку векови претходно и македонски јазик, и ако не е тоа проблем, еве европските пратеници имаат прилика, и таму се гласа со мнозинство, не едногласно, и затоа барам од опозицијата кои се дел од одредени политички семејства кои имаат европратеници да лобираат во насока да се прифати“, рече Мицкоски.
Фото: Влада