Премиерот Христијан Мицкоски за националната телевизија МРТ изјави дека не очекува промена на преговарачката рамка на Европската унија (ЕУ) за Македонија.
Како што е познато таа е изгласана едногласно од земјите членки на ЕУ во јули 2022 година, а потоа истата ја прифати претходната македонска Влада.
-Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во којшто би изгубиле делумно од своите позиции, но затоа двете, според мене највлијателни земји членки – Франција и Германија, дадоа еден предлог во којшто истовремено ќе го забрзаат интегрирањето и ќе му понудат можности на регионот како нивен приоритет, кажа тој.
Зборуваше и за гаранциите од ЕУ кои ги бара актуелната Влада.
– Нашиот пристап кој е? Ние велиме во ред, ние не можеме да го игнорираме слонот. Слонот е во собата, но ајде да видиме дали е ова последно. Вие велите ова е последно. Ако е тоа така, дајте тоа да го формализираме некако.
Видете и тоа не е гаранција. Ние имавме пресуда од Европскиот суд на правдата во Хаг против нашиот јужен сосед, пресуда дека сме во право, па повторно не блокираа, кога дојде ред да се интегрираме во НАТО.
Но е подобро од ништо, бидејќи секој заклучок ја добива поддршката институционално од сите земји членки, рече тој, потенцирајќи дека правилата треба да се почитуваат обострано, но, како што рече, источниот сосед не сака да ги спроведе своите обврски и да ги спроведе пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за да не дадат легитимитет на припадниците на македонската заедница во Бугарија.
– Нашиот источен сосед има преземено обврски да ги почитува човековите права, ратификувал резолуција, што значи треба да ги обезбеди човековите права на македонската заедница така што овие пресуди од Судот за човекови права од Стразбур ќе ги имплементира.
Со други зборови, ќе им дозволи на припадниците на македонската заедница да се организираат, културно, социолошки, општествено.
Тие тоа не го прават, затоа што таа живковистичка политика која трае со децении, негаторска кон македонскиот идентитет им внесува страв во коски, бидејќи на тој начин тоа здружение ќе има право да има свој претставник во Министерскиот совет за малцинства и ќе се легитимира и идентификува. Тоа им е најголемиот проблем, рече Мицкоски, подвлекувајќи дека бугарските политичари не се откажуваат од Протоколите 1 и 2, каде се охрабрува работата на заедничката историско-образовна историската комисија до влезот на Македонија во ЕУ.
Фото: Влада














