Психички здрави осудени лица наместо во затвор завршиле на лекување во психијатриската болница „Демир Хисар“.
Информацијата денеска ја соопшти заменичката-народен правобранител Соња Трифуновска, која посочи дека за нив постојат сомнежи дека успеале да го направат тоа преку коруптивни вештачења и лажни наоди за нарушено психичко здравје.
Станува збор за околу 20 лица.
Истите биле откриени од страна на тим на Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител, при контрола во болницата во декември лани, при што било утврдено дека тие не се психички болни, туку здрави и пресметливи.
Таа потенцираше и дека вработените во болницата наместо да се грижат за вистинските пациенти, биле принудени да се справуваат со лица со изразен криминален профил, кои ги малтретирале, злоупотребувале, заплашувале и виктимизирале болните.
Во болницата нема затворска полиција, па освен пациентите, и медицинските техничари, психијатрите и останатите здравствени работници, биле изложени на зголемен професионален и личен ризик, вклучително и на закани.
Болницата нема ни сопствено обезбедување, ниту пак, како што кажа, услови за задржување и грижа за ваков профил на лица, поради што бегствата биле честа појава, а во изминатиот период имало и случај на самоубиство.
Фото: Влада














