Актуелниот градоначалник на Општина Кавадарци, бизнисменот Митко Јанчев, по третпат ќе ја води Општината, откако во првиот круг од локалните избори освои нов мандат.
еМагазин во серијал ќе Ви ги престави новоизбраните градоначалници во поголемите општини, од кои дел се нови лица, а дел се реизбрани.
Кој е Јанчев
Роден е на 1. ноември 1981 година во Кавадарци.
Тој е дипломиран инженер-геолог на Универзитетот „Гоце Делчев” Штип, а Магистерските студии на истиот ги завршил во отсекот на техничките науки, петрологија, минералогија и геохемија.
Во 2022 година докторирал на тема Еколошка жешка точка – депонија за индустриски отпад “ХИВ Велес“, минералошки, геохемиски и радиохемиски истражувања и се стекнува со научен назив Доктор на технички науки.
Сопственик на Кожувчанка
Јанчев е сопственик на ДПТУ Кожувчанка од Кавадарци, првата приватна компанија за производство на вода во Македонија.
Тој функцијата управител ја превзема на своја 23 годишна возраст, по ненадејната смрт на неговиот татко, кој е основач на компанијата Кожувчанка.
Кожувчанка ДОО денеска се наоѓа помеѓу 100. најуспешни компании во државата.
Под раководство на Јанчев, компанијата го привлекува и почнува соработка со светски познатиот бренд Синалко од Германија.
Во 2015 година компанијата Кожувчанка го лансира и новиот производ Наше македонско пиво на пазарот.
Јанчев е член на Управниот одбор на Стопанска комора на Македонија, како и претседател на Регионалната Стопанска комора Кавадарци од нејзиното основање па се до 2017 година.
Општествена одговорност
Јанчев е познат и по својата хуманост и борба за општествена одговорност, а тоа го потврдуваат големиот број на активности и донации во сите сфери на општеството.
Поддржувач е на голем број спортски настани и спортски клубови, како во Кавадарци, така и низ целата држава.
Дава особени придонеси низ спортот во градот Кавадрци преку 10 годишната финансиска поддршка на КК Фени Индустри, Џудо клубот Кожувчанка, низата фудбалски клубови во Кавадарци, ГРК Тиквеш…
-Дава поддршка и на многу културни и уметнички настани, помагајќи на најразличен начин. Преку различни донации придонесува и во развојот на медицината во нашата држава, особено во градот Кавадрци со повеќе донации како реконструкција на прозорци и апарат за ЕКГ во Здравствен дом Кавадарци и амбулантно возило мерцедес за општата болница во град Кавадарци.
Митко Јанчев е особено горд на привилегијата – претседател на Иницијативниот одбор за изградба на црквата “Света Петка” во Кавадарци, каде исто се појавува и како еден од поголемите инвеститори на светиот храм, стои во неговата биографија.
Во 2018 година Јанчев, ја основаше фондацијата “Никола Јанчев“, фондација која го носи името на неговиот покоен татко.
Тој се откажа од градоначалничката плата, која секој месец се префрлува на сметка на Фондацијата.
Политичка кариера
Во 2017 година за првпат стана градоначалник на Општина Кавадарци, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2018 година беше избран за потпредседател на ВМРО-ДПМНЕ, а оваа функција ја извршуваше до крајот на 2018 година.
Во 2021 година стана градоначалник по вторпат.
Сопруг е на Веселка и татко на три деца: Никола, Стојанче и Мила.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е Александар Стојкоски, старо-новиот градоначалник на Ѓорче Петров
Која е Бети Стаменкоска Трајкоска, новата градоначалничка на Кисела Вода
Кој е Петар Јанков, новиот градоначалник на Струмица
Фото: Јанчев/Фејсбук














