На 6. јуни во Diamond Mall ќе се одржи второто издание на Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема

На 6. јуни 2026 година, љубителите на македонското музичко творештво и кадифениот звук на винилот ќе имаат можност да присуствуваат на Интернационален саем на музика, винил и аудио опрема.

Овој уникатен настан посветен на музиката, музичкото издаваштво и винил културата ќе се одржи во Diamond Mall и ќе обедини 27 издавачки куќи од Македонија и странство, како и македонски музички уметници, кои ќе ги промовираат своите албуми, информираат од таму.

Посетителите ќе имаат можност да проследат богата целодневна програма, која вклучува и изложби, панел дискусии, промоции и диџеј настапи.

Особен акцент годинава ќе биде ставен на македонската современа музичка сцена преку промоција и преслушување на 26 актуелни албуми од македонски музичари, објавени помеѓу двете изданија на Саемот на музика, винил и аудио опрема.

Ќе бидат претставени албуми од различни жанрови и генерации музичари, меѓу кои Дина Јашари, Влатко Стефановски, Суперхикс, Тони Зен, Драган Даутовски, Меморија, Јордан Костов и други.

Дополнително, на настанот ќе се одржи ексклузивно и премиерно преслушување на тест принтови од првото винил издание на албумот „Игри без граници“ на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески, во издание на „Sony DADC“.

„На развојот и негувањето на културата мораме континуирано да работиме. Овој настан го организираме по втор пат, овозможувајќи промоција на македонската современа музика, давајќи им можност на уметниците да го презентираат својот израз, а на помладите генерации да се запознаат со националното музичко творештво.

Ваквите настани се важни бидејќи креираат урбани содржини, но што е најважно создаваат култура базирана на вистински вредности. Се надевам дека со годинешната програма ќе побудиме голем интерес“, истакна Селин Октај, директорка на Diamond Mall.

Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема, Diamond Mall го организира во партнерство со дискографската куќа „Корпус деликти рекордс“.

„Драго ми е што годинава успеавме да го прошириме форматот на настанот и да вклучиме многу други содржини. Особено е значајно што годинешниот настан отвора простор за современите македонски музичари да ги промовираат своите најнови албуми, но исто така, публиката да се запознае и со историјата на македонската рок сцена преку изложбата на фотографии и оригинални текстови, како и да отвориме значајни теми од интерес за македонската музика организирајќи панел дискусии.

Така што, овој настан од саем прерасна во голем културно-музички настан и драго ни е што Diamond Mall ја препозна неговата вредност и овозможи да се случи“, изјави Тошо Филиповски, музички новинар и хроничар.

Во рамки на Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема ќе се одржи панел дискусија посветена на македонското музичко издаваштво, со учество на домашни издавачи и музички професионалци, чија цел е да отвори важни прашања поврзани со развојот на музичката индустрија, независното издаваштво и современата македонска музичка продукција.

Во Гурманската авенија на Diamond Mall, во текот на целиот ден ќе настапуваат диџеи од Македонија, Грција, Бугарија и Србија, а посетителите ќе можат да ја проследат и изложбата на канвас фотографии и оригинални текстови од историјата на македонската рок сцена, како и специјализираниот Саем на аудио опрема, каде ќе се претстават компании и брендови од Македонија и од странство.

Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема претставува единствен настан од ваков вид во земјава и уште една потврда за заложбата на Diamond Mall да поддржува иницијативи кои придонесуваат за подигнување на свесноста за важни теми од јавен интерес, овозможувајќи поголема видливост на поединци и организации, кои посветено работат на иницијативи од областа на културата, но и од други сегменти, посочуваат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести