За време на примирјето во окупираниот Појас Газа, Палестина, кое стапи на сила во октомври лани, од страна на Израел се убиени над 100 деца, соопшти Фондот за деца на Обединети нации УНИЦЕФ.
Според УНИЦЕФ, 60 од децата се момчиња, а 40 девојчиња.
Како што информираа од таму смртните случаи се главно предизвикани од воздушни напади и напади со беспилотни летала, но се регистрирани и загинати деца од огнено оружје, како и од неексплодирани направи од претходните борби.
Зимава најмалку шест деца починале и од хипотермија.
УНИЦЕФ евидентира само потврдени случаи.
Според палестинските власти во овој период се убиени над 442 Палестинци, од кои над 165 се деца.
Над 70.000 Палестинци се убиени од страна на Израел од стартот на војната.
Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф вчера го означи почетокот на втората фаза од мировниот план за Газа, кој предвидува формирање технократска палестинска влада.
Во рамките на првата фаза во октомври, Израел и исламистичката воена група Хамас договорија примирје, размена на заложници и затвореници, делумно повлекување на израелската војска и достава на помош во Газа.
Во следната фаза треба да има обнова и целосна демилитаризација на Газа, што вклучува и разоружување на Хамас и другите палестински милитантни групи.
Фото: Унсплеш












