За проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ се предвидени над 55 милиони евра, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Со парите до 2028 година ќе се работи на Скопско Кале, Аквадуктот, Скупи, Младинскиот културен центар (МКЦ), на нов Европски центар за култура, на зелени магистрали, нови паркови и современи јавни простори.
Главниот град на Македонија од Европската комисија (ЕК) беше номиниран да биде европска престолнина на културата во септември 2023 година и оттогаш тече периодот за подготовки за негова културна трансформација.
ЕК, во првиот мониторинг извештај објавен кон крајот на минатата година, нотираше дека Градот Скопје не направил значителен напредок во исполнувањето на директивите наведени од ЕК и изрази значајна загриженост дека извештајот поднесен од градските власти не се придржува до деталните упатства дадени од неа.













