Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје со одлуки за промени во составот и бројот на членовите на Управниот одбор

Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје, на денешната седница, донесе одлуки за ре-именување на постоечки член и именување на тројца нови членови на Управниот одбор, информираат од таму.

Со ова, Надзорниот одбор го утврди предлогот за зголемување на бројот на членови на Управниот одбор на Банката од досегашните четири, на пет члена во одборот.

Согласно наведените одлуки, Надзорниот одбор ја ре-именуваше Катерина Јанковиќ која е член на Управниот одбор на Банката, со нов 4-годишен мандат, почнувајќи од јануари 2026. Јанковиќ е докажан финансиски експерт со повеќе од две децении банкарско искуство во областа на корпоративното и малопродажното банкарство.

На истата седница Надзорниот одбор на Банката, со мандат од 4 години, ги именуваше Бојан Стојаноски, Драгиша Тадиќ и Кирил Бухов за нови членови на Управниот одбор, почнувајќи од јануари 2026.

Членовите на Управниот одбор на Банката, Петер Зелен и Игор Давчевски ќе продолжат да ги извршуваат своите функции до истекот на нивниот мандат, односно до крајот на 2025 година.

Новоименуваните лица официјално ќе ги преземат функциите, членови на Управниот одбор на Банката, по добивање на согласност од Народната банка за именување на членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

Кои се новоименуваните членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје

Бојан Стојаноски е банкарски експерт со над 20 години искуство на високо раководни позиции во банкарскиот сектор, во областа на корпоративното банкарство, управување со ризици, кредитирање, финансиски менаџмент и управување со средства. Во НЛБ Банка Скопје доаѓа од Стопанска банка АД Скопје, каде што од 2020 година е член на Управниот одбор и генерален директор за управување со ризици.

Во периодот од 2012 до 2019 година, работи во Халкбанк АД Скопје, најпрво како заменик генерален директор задолжен за продажба, финансиски пазари и средства, а подоцна како заменик генерален директор за кредитни ризици и финансии. Стојаноски е магистер по економски науки при Економскиот институт – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и има диплома по економија на истиот универзитет.

Драгиша Тадиќ доаѓа од НЛБ Комерцијална Банка, Белград, од позицијата Извршен директор за кредитни ризици, која ја извршуваше и во периодот помеѓу 2015 и 2020 година во НЛБ Банка, Белград. Од 2020 до 2022 година, тој е помошник на Управниот одбор на Комерцијална банка, Белград.

Неговото искуство е поврзано и со лизинг операции. Тадиќ моментално е член на Надзорниот одбор на НЛБ Lease&Go, Белград, а до 2015 година работеше во ПроКредит Лизинг, Белград.

Има диплома од универзитетот во Белград во областа на меѓународната економија и трговија, како и од универзитетот во Љубљана во областа на деловната администрација.

Кирил Бухов се приклучи на тимот на НЛБ Банка Скопје во јануари годинава како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнува во областа на телекомуникациите во 2001, а во банкарството преминува во 2006 година.

До 2017 година работи во Халкбанк АД Скопје каде напредува до позицијата Директор на сектор за информациски системи. Бухов е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде завршува и магистерски студии по проектен менаџмент.

Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, кибер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести