Народна банка: Каматната стапка на благајничките записи останува 5,35%

Во согласност со тековните економски услови, најновите макроекономски проекции и со оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, на седницата на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка вчера било одлучено каматните стапки да останат непроменети, информираат од таму. 

-Каматната стапка на благајничките записи и понатаму изнесува 5,35%, додека каматните стапки на депозитите преку ноќ и на седум дена остануваат на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно. 

Понудата на благајничките записи на редовната аукција исто така е непроменета и ќе изнесува 10 милијарди денари. 

Со тоа, Народната банка го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика. Ваквата поставеност е дополнително поддржана од неодамнешните измени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и од одлуките поврзани со управувањето со системските ризици.

Комбинираното влијание на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици. 

Доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Нaродната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно  нормализирање на монетарната политика, велат од таму.

Инфлацијата и натаму е во фокусот на монетарната политика, посочуваат од таму.

-Годишната стапка на инфлација во септември и натаму забавува и изнесува 4%. Ваквото движење главно произлегува од релативно инертната базична инфлација, движењата кај цените на храната, а во помала мера и од цените на енергијата. 

Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се променети во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци за домашните цени во следниот период.

Според најновите проекции, се очекува дека инфлацијата за целата 2025 година ќе изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек. 

Следствено, инфлацијата ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени, велат од таму.

Состојбата на девизниот пазар и натаму е стабилна, посочуваат од таму.

-На крајот на октомври, нивото на девизните резерви изнесува 4.842,9 милиони евра, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно ниво.

Последните проекции за надворешната позиција укажуваат на дефицит на тековната сметка од  4,2% од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година.

На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6% од БДП во 2028 година. Се очекува дека финансиските текови ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви, велат од таму.

Во првата половина од 2025 година, економскиот раст достигна 3,2% покажувајќи дека е поотпорен во однос на очекувањата за првата половина од 2025 година, посочуваат од таму. 

-Расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2025 година упатуваат на понатамошен, умерено забрзан раст, поддржан од високиот раст кај градежништвото и солидниот раст во индустријата и угостителството, при послаби остварувања кај трговијата. 

Согласно подоброто остварување во првата половина на годината, новите проекции упатуваат на забрзување на растот на БДП, односно негово искачување на 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот.

Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност, велат од таму.

Стапките на раст на депозитите и кредитите на банките, заклучно со септември, упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките и на нивна солидна кредитна поддршка за економската активност, потенцираат од таму. 

-Врз основа на тековните движења, до крајот на 2025 година, се очекува раст на депозитите од 9,5% и раст на кредитите од 11,6%. На среден рок, за периодот 2026 − 2028 година, се предвидува умерено забавување на просечниот раст, којшто ќе изнесува околу 7,6% кај депозитите и 7,3% кај кредитите, односно стабилна поддршка на економијата преку банкарскиот сектор.

Општо земено, со последната одлука на Народната банка се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај клучните макроекономски показатели, нивните очекувани трендови во наредниот период и со проценетите ризици. 

Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести