Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против поранешниот директор на затворот „Скопје“, Филип Андонов и седум полициски службеници вработени во затворот.
Тие се осомничени дека во првата половина од минатата година им овозможувале погодности на осуденици кои немале право на тоа според судските одлуки.
-Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе Обвинителен предлог против осум лица вработени во КПУ Затвор Скопје.
Врз основа на прибраните докази првообвинетиот како директор на установата и двајца полициски службеници како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од нив еден полициски службеник сторил и кривично дело „Несовесно работење во службата“, за кое дело се обвинети и останатите петмина полициски службеници.
Осомничените во период од март до јули 2024, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, при вршење на нивните овластувања, при што на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале. Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода вон установа.
Постапката беше отворена во февруари годинава против десет лица од кои за две лица е донесено Решение за отфрлање поради немање на докази, велат од Обвинителството.