Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на барање на ЈП Национални шуми – Скопје, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште во периодот од 00.00 до 24:00 часот, на територијата со која стопанисува јавното претпријатие.
Забраната се воведува со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор. Целосната забрана за движење во шума стапува на сила од 01.07.2025 година и ќе трае до 31.08.2025 година.
За непочитување на оваа забрана на физичките лица кои ќе бидат затекнати дека се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена парична казна од 1.500 до 2.000 евра.
Во случај да забележите пожар, веднаш без двоумење и размислување дали можеби некој веќе пријавил, пријавете и вие на 112 или 193.
Националните паркови – Маврово, Попова Шапка, Пелистер и Галичица индивидуално донесуваат одлуки, а исто така и парк шумата Водно во Скопје.
Од Националниот парк Маврово известија за обврска за задолжително пријавување на поединци или групи кои планираат движење во шумите и шумското земјиште на територија на паркот во периодот од 00:00 до 24:00 часот.
Фото: еМагазин.мк