Од 12. октомври стартуваат новите правила за влез во Шенген зоната на Европската Унија (ЕУ), кои неколку пати беа одложувани.
Истите, како што информираше денеска амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, ќе се воведуваат постепено во наредните шест месеци.
При прв влез во ЕУ, граѓаните ќе мора да остават биометриски податоци – отпечаток од прст и фотографија.
Отпечатокот и фотографијата веќе ќе бидат евидентирани во системот, што значи дека при секој нареден влез во некоја од земјите во ЕУ, службениците за пасошка контрола само ќе ги потврдат податоците.
Децата до 12 години не подлежат на мерката за оставање биометриски податоци.
Имплементацијата на системот е предвидено да се одвива во четири фази, а секоја од земјите од Шенген зоната ќе има своја динамика на имплементација. Во првата фаза, односно 30 дена од почетокот на примената е предвидено да бидат опфатени 10 проценти од сите патници кои влегуваат во Шенген, втората фаза предвидува да бидат опфатени 35 проценти во првите 90 дена од примената, третата фаза е до 150 дена да бидат опфатени половина од патниците и четвртата фаза е 170 дена од примената да бидат опфатени сите патници во Шенген зоната.
Овој систем за влез/излез е сосема различен од ЕТИАС-системот чија примена пак ќе започне во втората половина на 2026 година.
Според ЕТИАС-системот, граѓаните на земји надвор од ЕУ кои се ослободени од виза, пред патувањето мора да се регистрираат онлајн и да аплицираат за овластување за самото патување во Европа.
Двата система се комплементарни еден на друг и ќе продолжат да функционираат паралелно.
Фото: Влада