Владата на седница на предлог на Министерството за економија и труд го донесе Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2025 година кој има за цел поголемо и поквалитетно вклучување на невработените на пазарот на труд во Македонија.
Оваа година за мерки за вработување се одвоени над 2,5 милјарди денари или 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони евра повеќе споредено со претходната година и е рекорден износ на поддршка, а со Оперативниот план ќе бидат опфатени вкупно 16.507 лица.
Во рамките на Оперативниот план за вработување се содржат повеќе мерки кои водат до директно вработување или преку обуки во реални работни услови невработените лица да се стекнат со знаења и вештини барани на пазарот на трудот.
Кај сите мерки за вработување основен предуслов за вклучување во некоја од мерките е невработените лица да бидат евидентирани како активни баратели на работа во центрите за вработување.
Со Оперативниот план посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработените како и на корисниците на гарантирана минимална помош.
Во рамки на мерката Поддршка за самовработување оваа година е проширена со две нови поддмерки.
Мерка-Поддршка за самовработување која се однесува на невработени лица со минимум основно образование да започнат сопствен бизнис, висината на финансиската поддршка изнесува 7.000 евра неповратни средства за започнување на бизнис, што е за 1.000 повеќе споредено со претходната година.
Новина од оваа година е подмерката Поддршка за самовработување на млади невработени лица до 29 години при што висината на финансиската поддршка изнесува 10.000 евра неповратни средства за основање на бизнис. Овој износ е рекорден досега и е точно таргетиран за млади до 29 години со цел да се мотивираат својот претприемнички талент да го реализираат во државата.
Новина исто така е и подмерката е Поддршка за самовработување со здружување на корисници до две лица да основаат бизнис, со што висината на финансиска поддршка изнесува од 14.000 до 20.000 евра при што 20.000 евра се однесува содружници кои се до 29 години.
Се продолжува со мерката Вработување и раст на правни субјекти, која има главна цел креирање на нови работни места и оваа година ќе бидат опфатени 1.540 лица.
Повторно, при вработување на лица до 29 години предвиден е највисок износ на поддршка до 250.000 денари од лице.
Оваа година како новина во Оперативниот план се мерки за подобар и побрз пристап на невработени лица со низок степен на образование и за побрза инклузија на пазарот на труд.
Тука спаѓаат: обука за основни вештини – странски јазици, обука за основни вештини – компјутери, обуки за претприемништво, бизнис планирање и развој на бизнис вештини, која е пилот мерка, обука за напредни бизнис обуки – лиценцирани обуки со признаен меѓународен сертификат, обуки за напредни ИТ вештини.
Како нова мерка оваа година е и мерката Јавни работи за заштита и превенција од пожари и оплеменување на животната средина на локално ниво односно пошумување. Мерката предвидува социјална вклученост на 400 потешко вработливи лица кои ќе добијат 24.000 денари.
Се продолжува и со реализација на мерката за исплата на Младински додаток, која предвидува поттикнување на вработување на 3.500 млади лица до 23 години по завршување на средното образование со цел вработување во дејностите од област на производството.