Истрагата за пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62, а беа повредени 203 лица се проширува.
Нов осомничен е сопственикот на објектот во кој беше сместена т.н. дискотека.
Како што информираа од Основното јавно обвинителство Кочани и тој е осомничен како соизвршител за “Тешки дела против општата сигурност“.
Осомничениот сопственик на објектот во кој со години функционирала т.н. дискотека го издавал истиот под закуп на еден од претходно осомничените.
-Без да поднесе барање и да добие одобрение за пренамена на објектот од надлежен орган, заеднички и во договор со осомничениот неформален сопственик на правното лице, тој на различни датуми и во повеќе наврати во временскиот период од 2012 година до месец март 2025 година преземал градежни активности со кои извршил и учествувал во незаконска пренамена на објектот од намена Г3 – сервиси и сообраќајна инфраструктура во намена Б3 – големи угостителски единици и овозможил во објектот незаконски да се врши угостителска дејност дискотека/кабаре, велат од Обвинителството.
За него се побарани мерки за претпазливост.
Фото: Игор Бансколиев