Дванаесет од 203. повредени во пожарот во т.н. дискотека во Кочани се уште се на болничко лекување во земјава и странство, а еден од нив е во тешка состојба, информираше денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Од нив седум повредени се лекуваат во странство, по двајца во Србија, Грција и Турција, а еден во Словенија, (каде се лекува повредениот кој е во тешка состојба).
Од повредените, 16 се на плазма третмани збогатени со тромбоцити и без збогатување со тромбоцити, шест се на Клиниката за пластична хирургија и десет во „Св. Наум Охридски“.
На преврски и слични третмани има 38 повредени, во болниците „8 Септември, „Св. Наум Охридски“, „Аџибадем Систина“ и петмина во Кочани.
На физикална терапија се 46 лица, од кои сите во Кочани, а само едно лице е во „8 Септември“, бидејќи му се прават и преврски и физикална терапија.
Клековски посочи дека состојбата со повредените постојано се следи, дека има напредок во нивното лекување што се спроведува во домашните болници, и дека државата има капацитети да одговори на потребите за понатамошен третман.
Рече и дека во Општата болница во Кочани има обезбедено медицински персонал за спроведување на физикалната терапија.
Таму има двајца физијатри и четири физикални терапевти за 46 пациенти. Формиран е и пул од 15 физијатри и шест физикални терапевти од Клиниката во Козле, за физикална терапија и од „8 Септември“, и тие ќе бидат на располагање на Општата болница во Кочани.
Дел од овие физијатри ќе бидат вклучени во проценка на состојбата и како тече рехабилитацијата на пациентите.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски рече ека од резервите на Буџетот на државата се одвоени 30 милиони денари за да се пружи помош при транспортот, сместувањето на придружбата на овие пациенти и дека до овој момент се потрошени 21 милион денари.
„Уште 7 пациенти се на долекување во странство, исто имаат придружба, исто така им се покриваат трошоците за сместување и се надевам дека за брзо ќе ги вратиме назад во нашата држава. Тоа не значи дека тука сѐ завршува.
Државата стои на располагање и ќе стои се до оној момент додека не добиеме јасна слика и додека не си ги вратиме пациентите тука назад во Македонија и да ги излекуваме до крај“, кажа Томовски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
40 од повредените во пожарот во Кочани имаат проблеми со движењето на зголобовите
Фото: МЗ