Уште не стивнале реакциите за инцидентот на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија во Куманово, на кој навивачии скандираа „смрт за Шиптари“, „гасни комори“, „за чиста Македонија“…, а се случи нов.
На фудбалскиот натпревар помеѓу ФК Шкендија и ФК Карабах навивачи скандираа „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“.
Нема никаква дилема дека овие инциденти не се случајни. Се е тоа во сценариото за кампања за престојните локални избори. Не е тајна дека политичарите и те како добро стојат со навивачките групи, кои изминативе години предизвикаа низа инциденти на спортски натпревари.
Треба ли да потсетиме дека навивачите на Шкендија пред извесно време на натпревар не го испочитуваа ни едноминутниот молк за загинатите во пожарот во Кочани?
Што кажува тоа за навивачките групи? Дека се само алатка за политички игри и дека уште многу треба да работат за да станат вистински спортски навивачи, какви што се преставуваат.
Овие инциденти не носат добро за никој. Доста е со докажувањето кој е поголем Македонец или кој е поголем Албанец.
Тоа нема да ги намали цените во супермаркетите, нема да донесе нови вработувања, нема да донесе повисоки плати, нема да донесе нови патишта, водоводи, градинки…
Фото: Гаши/Фејсбук