Надлежните не придонесуваат доволно за одведување и прочистување на отпадните води и заштита на Охридското Езеро, вели Ревизија

„Јавното претпријатие Колекторски систем-Скопје во 2024 година фактурирало само 33% од
испуштената пречистена вода, а со акумулирани обврски повеќе од 8 милиони евра и блокирана сметка од неговото основање, претпријатието се соочува со сериозни финансиски предизвици, намалена ликвидност и ризици за одржливоста на работењето,“ се вели во извештајот на Државен завод за ревизија.

„Инфраструктурните објекти (цевковод, пумпни станици и пречистителна станица), изградени пред повеќе од 35 години во вкупен износ од 129.948 илјади денари (2.112.976 евра), се уште не се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти, кој е составен дел од Катастарот на недвижности.

Освен за земјиште од 812 метри квадратни (пумпна станица Подмоље), ЈП Колекторски систем Скопје, не поседува имотни листови за инфраструктурни објекти – цевковод во должина од 40,9 км, пумпни станици, пречистителна станица, како и за земјиштето под нив,“ се вели во Извештајот.

Јавното претпријатие, основачот и општините во регионот преку акционите планови и инвестициони програми не придонеле доволно за одведување и прочистување на отпадните води и заштита на Охридското Езеро, се посочува во истиот.

„Финансиските показатели за 2024 година, во однос на вкупните обврски од 493.108 илјади денари (8.018.016 евра), укажуваат на зголемен ризик од намалена ликвидност на претпријатието, односно периодот на плаќање на обврските спрема добавувачите е 1.139 дена или повеќе од 3 години, а просечен период на наплата на побарувања е 333 дена или приближно една година.

Ликвидносната состојба дополнително е влошена поради обврски кон физичките лица на чие земјиште, доделено по пат на експропријација, се изградени или поставени инфраструктурни објекти и за користењето на тоа земјиште, јавното претпријатие исплаќа соодветна закупнина, како и блокираната сметка на претпријатието од 2020 година, веднаш по неговото основање.

Претпријатието работи со минимум средства од 10.800 илјади денари за секој месец, согласно Решение на Основен суд Охрид,“ велат од таму.

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести