Не е фер Македонија поради една земја членка да не може да отвори ниту едно поглавје, кажа словенечката претседателка по средбата со македонската колешка

Македонија е во ситуација поради една земја членка да не може да отвори ниту едно поглавје. Тоа едноставно не е коректно и не е фер кон држава која сака да стане дел од Европската унија (ЕУ), кажа словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар во Љубљана, по средбата со македонската колешка Гордана Сиљановска Давкова, која е во посета на земјата, посочувајќи дека сегашниот модел на одлучување овозможува билатерални прашања и политички блокади да го кочат проширувањето.

Таа исто така подвлече дека Словенија е дел од група од 15 членки на ЕУ кои предлагаат отворањето на преговарачките поглавја за земјите кандидатки да се одвива со квалификувано мнозинство, додека консензусот да остане само за конечниот прием, повторувајќи дека Словенија останува цврст поддржувач на европската интеграција на Македонија и дека активно ќе се залага за забрзување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан.

Укажа и на фактот дека пред државите-аспиранти се поставува огромен товар за прилагодување кон европското право, додека Брисел прави премалку за процесот да биде побрз.

Сиљановска Давкова пак уште еднаш укажа на опасноста од билатерализација на процесот на проширување, особено кога тоа е поврзано со идентитетските прашања, за кои, како што кажа, не се преговара.

-Ние не бараме привилегии, туку доследна примена на европското право и почитување на историскиот и културниот идентитет на народите и дигнитетот и интегритетот на индивидуите. Европската унија персонифицира единство на различностите.

ЕУ останува инспиративна филозофија ако си ги почитува вредностите  и принципите, рече таа, посочувајќи дека интеграцијата на Западниот Балкан, не е само политичко, туку и безбедносно прашање.

Таа направи меѓу друго направи и паралела со регионалната поддршка што скандинавските земји им ја давале на балтичките држави и посочи дека Словенија е таков пример на Балканот.

-Ако не сме спремни да го разбереме соседот во регионот и да го поддржиме, како може да очекуваме разбирање и поддршка во Брисел? Мислам дека тоа е логично и природно, кажа таа.

Фото: Кабинет на претседателката

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести